
10.04.2025 Скопје
Во коалицискиот договор на новата демохристијанска-социјалдемократска влада на Германија планирани се ограничувања на регулативите за Западен Балкан. Досега Германија дозволуваше прием до 50.000 неквалификувани работници годишно. Овој број сега е преполовен на 25.000.
Вчера претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц и веројатен иден германски канцелар во Берлин го претстави коалицискиот договор на идната влада. Тој рече дека договорот е силен сигнал за Германија и за Европската Унија
Миграциската политика е една од клучните теми во земјата заради финансискиот товар врз општините и Министерството за социјала.
Според коалициската спогодба, интеграцијата на шесте земји од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија, во ЕУ се смета за заемен стратешки интерес. Поради тоа, Берлинскиот процес, иницијатива на поранешната канцеларка Меркел, останува активен како платформа за земјите од регионот и јасна и одржлива перспектива за интеграција и членство во ЕУ.
Мерц ги пофали брзите преговори со СПД и заклучи дека тоа е важен темел за идната соработка. „Заеднички дојдовме до овој договор и мислам дека тоа е добар темел за работата на владата во следниот изборен период“, оцени Мерц и додаде дека новата влада ќе почне со работа „најдоцна до почетокот на мај“.
Мерц кажа и дека составувањето на владата ќе го намали подемот на десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која во последно време бележи пораст на популарноста.
Подготвено од М.Д.