24.04.2025 Скопје
Драма се случи во источно Сараево кога СИПА се обиде да го приведе лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, но полицијата на Република Српска(РС) ги спречи.
Припадниците на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) пристигнаа во Административниот центар на Владата на Република Српска во источно Сараево, каде во тоа време беше претседателот на РС Милорад Додик. Како што се дознава, членовите на СИПА се обиделе да го приведат Додик, но припадниците на Министерството за внатрешни работи на Република Српска се спротивставиле на таа акција.
Познато е дека Судот на Босна и Херцеговина претходно распиша централна потерница за Додик, како и за премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.
Додик претходно во текот на денот пристигна во Административниот центар на Владата на Република Српска во Источно Сараево, каде што ќе одржи средба со градоначалникот и раководителите на општините кои го сочинуваат градот Источно Сараево.
Додик претходно кажа дека „тројца претседатели на европски држави и еден премиер му кажале дека во Босна и Херцеговина била префрлена британска единица со единствена цел да го ликвидира“.
Подготвено од М.Д.