
29.04.2025 Скопје
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ја потврди точноста на информациите објавени од СДСМ за сериозен скандал во полицијата. Според проверките на МВР, братот на градоначалникот на Гази Баба, Деан Стефковски, бил запрен од полицијата во центарот на Скопје откако возел со 84 километри на час на место каде што ограничувањето е 50 километри на час.
Тошковски изјави дека, додека полицајците ја составувале казнената пријава, возачот се јавил на полициски началник кој, преку телефон, им наредил на службениците да го ослободат. Кога му било посочено дека пријавата веќе е пополнета, началникот им наложил да го сменат името на прекршителот и да впишат друго лице. Полициските службеници ја исполниле таа наредба.
Министерот најави дека, покрај стандардната казна за пребрзо возење — глоба од 300 евра и забрана за управување со моторно возило во траење од три месеци — ќе бидат поднесени и кривични пријави против возачот и против началникот кој ја злоупотребил службената должност.
Тошковски нагласи дека нема да има толеранција за никого, без разлика на функцијата или позицијата.
Овој скандал изби токму во пресрет на расправата за интерпелацијата што ја поднесе партијата Левица, со поддршка на СДСМ, обвинувајќи го министерот за селективно постапување, особено во случајот со трагедијата во Кочани, каде беа уапсени 60 лица, сите поранешни функционери, но не и актуелните.
Откако Тошковски потврди дека реакцијата на СДСМ била точна, за што објавија и видео докази, повторно се јавија од опозицијата оценувајќи дека министерот бил принуден да го стори тоа.
„Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае“ , порачаа од СДСМ.
Според нив, денешното признание на Тошковски потврдува две работи:
„Прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот.
Веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР. Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, порача опозицијата.
Подготвено од М.Д.