
07.04.2025 Скопје
Во рамките од одбележувањето на 80. јубилеј, од градењето и создавањето на МНТ, продолжуваме и понатаму да патуваме.
Турнејата на МНТ ќе започне со најактуелните претстави од големата и малата сцена, а тоа се претставите: „12“ по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов и „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Предвидени се два блока на гостувања, надвор од границите како и во нашата земја.Во првиот блок се гостувањата во Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Имено, стартот од големото патување започнува од 8 април, со гостувањето во Црногорско народно позориште – ЦНП, Подгорица, каде што ќе се одигра „Народен пратеник“, а ден потоа на 9 април, ќе се одигра и претставата „12“. По настапот во Црна Гора, на 11 април следи гостувањето на „Народен пратеник“ и на 12 април со претставата „12“ во Сараево, Босна и Херцеговина.На 15 април со претставата „12“, МНТ ќе биде дел од фестивалската програма „5РЕ“ во Велес.
Огромна чест е да се учества на 70. „Стериино позорје“, Нови Сад, каде што на 1 и 2 јуни пред новосадската публика ќе се одигра претставата „Народен пратеник“. Претставата „12“ на 17 јули ќе биде дел од програмата на „Охридско лето“, а истата ќе биде изведена на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“. Во вториот блок, во текот на септември предвидено е гостувањето со претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, во Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, Унгарија.
Гостувањето во театарот „Иван Вазов“, Р Бугарија ќе се случи наесен, 2025 година, со претставата „Народен пратеник“.
Ова нека не биде само патување низ простор и време туку и патување низ душата на уметноста, која ќе нѐ потсети дека театарот е одраз на животот во неговата најчиста форма.
Подготвено од М.Д.