
30.04.2025 Скопје
Денеска истекува мерката за ограничување на цените и маржите што ја воведе Владата пред рамазанските и велигденските празници.
Од Министерството за економија и труд велат дека прво ќе ги согледаат конечните резултати што ги даде мерката, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму. Доколку има злоупотреби најавуваат нови поригорозни мерки.
Според ресорниот министер, Бесар Дурмиши, ефектите од ограничувањето на маржите до 10% биле позитивни, со намалување на инфлацијата и цените на храна и пијалаци.
Но, предупреди дека ако се забележат нагли поскапувања, ќе следи ширење на мерките на речиси сите производи, со повисоки ограничувања на маржите.
Од 20 март, мерката опфати 102 групи производи и утврди максимални цени за осум категории.
Сега, новите измени во Законот за заштита на потрошувачи обврзуваат маркетите секојдневно јавно да ги објавуваат цените на своите веб-страници.
Подготвено од М.Д.