15.04.2025 Скопје
Германскиот автомобилски гигант Мерцедес го редизајнираше своето лого без никакви најави, настан или соопштение за печатот!
Од февруари 2025 година, познатата ѕвезда повеќе нема 3Д форма и хромирани сребрени контури, туку е многу поедноставна со дводимензионален дизајн и едноставна бела боја. Новиот дизајн моментално не се однесува на логото на автомобилите, туку исклучиво на комуникациските канали на компанијата како што е веб-страницата. Новото решение веќе се користи на германските, француските, италијанските и американските сајтови на производителот. Минималистичкиот дизајн веќе може да се види во годишниот извештај, на социјалните мрежи, во мејловите, на белешките… Љубителите на ретро стилот можат да здивнат бидејќи сребрената тродимензионална ѕвезда сè уште доминира на автомобилите.
Новиот изглед има за цел да го направи присуството на брендот помодерно, појасно и поефикасно. Следи општ тренд во индустријата бидејќи повеќето производители се префрлија од 3D дизајни на 2D решенија во последниве години, пишува Autostart. – Во комбинација со употребата на 2D верзија на логото на нашиот бренд, ѕвездата на Mercedes-Benz, за печатени и дигитални медиуми, изгледот ќе биде помодерен и визуелно поконзистентен. 3D ѕвездата ќе продолжи да се појавува на нашите возила и архитектонски елементи – изјави портпаролот на компанијата.
Оние кои внимателно го следат Mercedes ќе забележат дека ова лого не е ништо ново. Мерцедес во 2009 година претстави речиси идентична бела 2Д ѕвезда, но само накратко. Две години подоцна се случи пресврт и беше претставена 3Д верзијата, која раководството ја сметаше за порепрезентативна. Тоа лого се одржуваше до неодамна.
Легендарната трикрака ѕвезда првично датира од 1909 година и ја симболизира визијата на Дајмлер за производство на мотори кои ќе ги напојуваат копнените возила, авионите и бродовите. Оттогаш, дизајнот се менуваше многу пати.
Подготвено од М.Д.