KOS

30.04.2025 Скопје

Вчера во Белград, европската комесарка за проширување, Марта Кос, ја повика Владата на Србија да соработува со Европската Унија за воспоставување независно судство, слободни медиуми и изборна рамка што ќе го одразува ставот на граѓаните на Србија и рече дека треба да се работи на реформи.

Кос по средбата со премиерот Ѓуро Мацут изјави дека Србија не може да напредува без независно судство, медиуми и изборна рамка и рече дека сè што Европската Унија бара од Србија е „многу блиску до она што го бараат луѓето што протестираат на улиците“.

Бранот антивладини протести во Србија, предводени од студентското движење, ја стави во преден план борбата против корупцијата, за праведно општество, непристрасни медиуми и функционирање на институциите без политички притисок и влијание.

„Работете со нас на реформи за да биде возможно вашето членство. Работете со нас на воспоставување независно судство кое може ефикасно да се бори против корупцијата. Работете со нас на спроведување на законите и воспоставување институции кои ќе овозможат слободни медиуми каде што ќе бидат застапени сите мислења. Работете со нас на воспоставување изборна рамка која ќе обезбеди дека волјата на српскиот народ ќе биде слушната и дека одлуките ќе се носат врз основа на неа“, рече Кос по средбата со премиерот на Србија.

Таа оцени дека „Србија не може да напредува без овие промени“.

„Знаеме дека она што го бараме е многу блиску до она што го бараат луѓето што протестираат на улиците во Србија“, рече Кос.

Комесарката се сретна и со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека Белград е целосно подготвен да ги забрза реформите на европскиот пат.

Тој истакна дека „Србија го гледа Планот за раст како шанса за забрзување на економскиот развој, зајакнување на институциите и со тоа приближување кон Европската Унија, не само политички, туку и фундаментално, преку конкретни придобивки и стандарди што граѓаните можат да ги почувствуваат“.

„Верувам дека преку сериозна работа, одговорност и искрено партнерство со Европската Унија, ќе го искористиме постојниот моментум и ќе отвориме нова фаза во процесот на европска интеграција на Србија“, рече Вучиќ.

Кос, исто така, истакна дека нормализацијата на односите на Косово со Србија е предуслов за Косово да добие статус на кандидат и да го започне процесот на приближување кон ЕУ.

Подготвено од М.Д.

About Author