
23.04.2025 Скопје
Еден, митскиот рај во кој, според Библијата, живееле Адам и Ева пред да го пробаат забранетото овошје, со векови е предмет на теолошка, научна и археолошка дебата.
Според светиот текст, тоа било место на совршена хармонија, сè додека змијата не ја убедила Ева да го изеде плодот од Дрвото на знаењето за доброто и злото – чин што довел до нивно протерување, пренесува Ладбајбл.
Од тој момент, Рајската градина стана симбол на изгубеното совршенство – но и загатка што многумина се обиделе да ја решат: каде всушност се наоѓал Еден?
Во Библијата, во Книгата Битие, пишува дека од Еден течела река која се делела на четири притоки: Писон, Гион, Тигар и Еуфрат. Додека Тигар и Еуфрат се познати реки кои сè уште течат низ Ирак и денес, локациите на Пишон и Гихон остануваат непознати. Токму оваа неодреденост отвори простор за различни теории.
Една од најновите ја претстави Константин Борисов, компјутерски научник кој објави студија во која тврди дека рајската градина всушност се наоѓа – во Египет.
Според неговите тврдења, реката Гихон е всушност Нил, а легендарното Дрво можеби се наоѓало токму на местото каде што денес се наоѓа Големата пирамида во Гиза.
Во својата студија, Борисов користи стари мапи на кои е прикажана реката Океан – за која се верувало дека го опкружува целиот свет – и укажува дека од неа течат четири реки: Нил, Тигар, Еуфрат и Инд.
„Имајќи мапа од околу 500 п.н.е., станува јасно дека единствените четири реки што течат од Океанот одговараат на библискиот опис“, тврди Борисов.
Секако, тој не е единствениот со ваква амбиција. Многу теории низ историјата се обиделе да го лоцираат Рајот – од Месопотамија и Персискиот залив, до крајно необичното тврдење на некои мормонски извори кои го сместуваат во американската држава Мисури.
Без разлика каде се наоѓа Рајската градина, фасцинацијата од ова митско место никогаш не згаснува. Потрагата по рајската градина – симбол на изгубената невиност и совршенство – продолжува.
Подготвено од М.Д.