
01.04.2025 Скопје
Минималната потрошувачка кошничка која ја објавуваат од Сојузот на синдикати на РС Македонија(ССРСМ), одамна надмина 1.000 евра, а сајтот Нумбео објави дека за живот во земјава се потребни 1.800 евра за едно семејство. Нумбео е најголемата база на податоци за трошоците на животот во светот.
Ги прашавме граѓаните, која од овие суми им делува пореално. Повеќето велат дека најмалку 1.000 евра се неопходни за живеачка за едно семејство, но веруваат дека едно домаќинство може да потроши 1.800 евра месечно, ако има студенти, ако семејството често излегува во ресторани и кафулиња и слично. Сепак, луѓето велат дека најмногу пари од домашниот буџет им се одлеваат за храна и сметки.
„Мислам дека 1.000 евра најмалку се потребни. Најмногу пари трошиме за сметки“, вели граѓанка.
Луѓето кои ги анкетиравме објаснуваат дека не можат да си дозволат месечно да потрошат 1.800 евра.
„Само побогатите можат да потрошат 1.800 евра месечно. Јас мислам дека и со 600 евра едно семејство може скромно да преживее. Најмногу пари се трошат за храна и за хигиена, за сметки“.
Но, граѓаните велат дека не е само да се преживее, туку потребно е дел од парите да се тргнат настрана за непланирани трошоци.
„Мислам дека 2.000 евра месечно се потребни за четири члена, посебно ако семејството има мали деца или студенти. За детето трошиме по 500 евра. Со мали деца без автомобил, човек е како без нозе, а сето тоа си бара трошоци. Ако имате дете студент, знаеме дека е скапо, потребни се пари, eдна кифла чини 50 денари. Дури и ако земеме предвид дека се потребни пари и за непланирани трошоци, тогаш на едно семејство му требаат 2.500 евра месечно за да се каже дека е добро. Значи да има 2.000 евра за трошоците за живот и 500 евра да ги тргне настрана“.
Друга жена вели дека 1.000 евра се сосема доволни за да се помине месецот.
„За храна и сметки има најмногу трошоци, за облека помалку. Можам да потрошам и 1.800 евра месечно, ама немам од каде да ги заработам тие пари. Зависи многу и од тоа дали луѓето излегуваат по ресторани, јас не одам, зависи какви барања имаат, дали купуваат скапа облека, марка, дали се економични или не“.
Минималната синдикална кошница за февруари изнесувала 63.773 денари и зголемена е за 521 денар во однос на јануари.
Животот во РС Македонија станува сè поскап, а според најновите податоци на Нумбео, четиричлено семејство во земјава месечно троши околу 111.341 денари (1.800 евра), доколку поседува сопствен дом и не плаќа кирија. За едно лице, просечните трошоци изнесуваат 32.640 денари (530 евра).
Овие пресметки се базирани на цените на храна, комунални трошоци, транспорт, облека и други неопходни производи. И Државниот завод за статистика(ДЗС) во февруари регистрирал зголемување на трошоците за живот и тоа за храна и пијалаци, комуналии и друго.
Подготвено од М.Д.