KINA SAD CARINI

25.04.2025 Скопје

Кина апелираше за завршување на сите „еднострани“ американски давачки, во момент кога се појавија знаци дека администрацијата на Трамп може да ја намали тензијата во трговската војна со Пекинг.

Кина инсистира дека не одржала трговски преговори со Вашингтон, и покрај изјавите на американската влада кои укажуваат на тоа дека имало комуникација.

Американскиот претседател Доналд Трамп континуирано тврди дека САД ќе постигнат договор со Кина, а вчера напомена дека има „директен контакт“ меѓу двете држави.

Трамп, кој ги нарекува своите тарифи „реципрочни“, вели дека тие имаат за цел да ја исправат неправедната трговска нерамнотежа со САД.

“САД треба да ги отстранат сите „еднострани царински мерки“ против Кина „ако навистина сакаат“ да го решат трговскиот проблем,” изјави денеска портпаролот на Министерството за трговија Хе Јадонг.

Администрацијата на Трамп ќе размисли за редуцирање на давачките за увезената кинеска роба од сегашното ниво од 145 проценти на меѓу 50 и 65 проценти, додека ги чека преговорите со Пекинг, изјави извор упатен во оваа проблематика.

“Кина и САД не се консултираа или преговараа за царините, а камоли постигнаа договор,” рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Гуо Џиакун на посебен брифинг со новинарите, нарекувајќи ги информациите за такви случувања “лажни вести.”

Подготвено од М.Д.

About Author