
30.04.2025 Скопје
Две нуклеарни сили, Индија и Пакистан се наоѓаат пред војна.
Тензиите меѓу Индија и Пакистан дополнително ескалираа откако висок пакистански функционер изјави дека Исламабад има „сигурни информации“ дека Њу Делхи ќе преземе воена акција против Пакистан во следните два дена.
„Пакистан има веродостојни информации дека Индија има намера да преземе воена акција против Пакистан во следните 24 до 36 часа“, рече министерот за информации Атаула Тарар во необична објава. Тој не појасни на која основа Пакистан го изнесува ова тврдење.
Изјавата на Тарар дојде една недела откако милитанти масакрираа 26 туристи во планинскиот град Пахалгам во индискиот Кашмир, напад што предизвика огромен гнев .
Индија го обвини Пакистан дека стои зад нападот – обвинение кое Исламабад го негира. Пакистан понуди неутрална истрага за инцидентот.
Кашмир, едно од најопасните места во светот, делумно е под контрола на Индија и Пакистан, но и двете земји претендираат на целата територија.
Двете земји со нуклеарно оружје водеа три војни за планинскиот регион откако се стекнаа со независност од Велика Британија пред речиси 80 години.
Нападот врз туристите минатата недела предизвика бес во Индија, при што премиерот Нарендра Моди беше под огромен притисок за жесток одговор.
Индија изврши воздушни напади во Пакистан во 2019 година по големиот бунтовнички напад врз паравоената полиција во индиски Кашмир. Тоа беше прв таков упад на територијата на Пакистан по војната во 1971 година.
Последниот напад ги зголеми стравувањата дека Индија би можела да возврати на сличен начин.
Индискиот премиер Моди вети дека „ќе ги гони напаѓачите до крајот на земјата“. Масакрот доведе до ескалација на тензиите и размена на непријателства меѓу двете земји во текот на изминатата недела.
Пакистан пак возврати дека секој „воен авантуризам од Индија сигурно и решително ќе биде возвратен“
САД најави итни разговори со Индија и Пакистан за смиреност, и намалување на тензиите.
Њу Делхи е важен партнер на Вашингтон во неговите напори да се спротивстави на влијанието на Кина во Индо-Пацификот. Пакистан се смета и за клучен партнер на САД.
Реагираше и Кина чии односи со Индија се прилично затегнати во последниве години, со чести судири на нивната спорна граница. Во меѓувреме, Пекинг и Исламабад ја зајакнаа соработката, при што Кина продолжува да инвестира во Пакистан преку иницијативата „Појас и пат“.
Подготвено од М.Д.