
08.04.2025 Скопје
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ доцна синоќа во Мостар изјави дека Хрватска нема да воведе санкции за претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик, додавајќи дека не верува ни дека ќе се постигне консензус на ниво на Европската унија за санкции против политичкото раководство на РС.
„Хрватска нема да воведе санкции за Додик. Ние не сме во иста позиција како другите земји кои не се соседи. Бања Лука е на час и половина возење од Загреб. Затоа сакаме да испратиме смирувачки пораки, да го охрабриме дијалогот и да ги вратиме политичките актери во БиХ во уставната рамка“, им рече Пленковиќ на новинарите по синоќешната средба со лидерот на ХДЗ на БиХ, Драган Човиќ.
Пленковиќ рече дека верува оти санкциите „дополнително ќе ја дестабилизираат политичката ситуација во БиХ и ќе го забават нејзиниот европски пат“, што, оцени, не е во интерес на граѓаните на БиХ или Хрватска.
Пленковиќ рече дека е загрижен поради политичката криза во БиХ, оценувајќи дека таа е една од најсериозните од крајот на војната која заврши во 1995 година.
„Сметаме дека кризата е сериозна и дека сите политички актери мора да покажат одговорност, да се вратат во уставната рамка и да ги намалат тензиите. Сите обиди за сецесионизам и сепаратизам, особено од редовите на политичките претставници на Република Српска, се лоши и штетни за функционалноста и опстанокот на БиХ“, посочи хрватскиот премиер.
Според него, Хрватска, како сосед на БиХ на југ, запад и север, има најголем интерес за стабилна и функционална БиХ и нагласи дека ќе продолжи да дејствува како партнер на европскиот пат на БиХ.
Подготвено од М.Д.