supermarket

28.04.2025 Скопје

Остануваат уште три дена (до 30 април) до завршувањето на мерката на Владата за ограничените маржи и нема информација што ќе содржи новата потрошувачка кошница, која нема да се вика минимална, туку просечна. Она што е познато, а беше најавено неодамна од заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, е дека во неа сигурно нема да има цигари, алкохол и овошје што не е карактеристично за периодот од годината.

Тој информираше дека во формулата за кошницата се земени модалитетите од Државниот завод за статистика и од Државниот пазарен инспекторат од повеќе маркети во државава со највисоки, средни и со најниски цени, а ќе бидат земени и цените од зелените пазари и локалните маркети во регионите.

Од Министерството за економија велат дека сè уште се работи на кошничката. До крајот на месецов, просечната кошница треба да се разгледа на Економско-социјалниот совет откако претходно ќе ја добијат на увид синдикатите,  организацијата на работодавците и на потрошувачите. ЕСС не може да се закаже, затоа што сè уште не е завршен процесот на утврдување на репрезентативноста на Сојузот на синдикатите на РС Македонија.

Ристески оцени дека антикризните мерки со замрзнување на маржите даваат ефект, како и дека веќе се применува Законот за забрана на нефер трговските практики. Тоа го потврдува и анкетата на порталот мкд.мк, каде што се наведува дека граѓаните ја поддржуваат мерката со замрзнатите цени.

Подготвено од М.Д.

About Author