eu struja

12.04.2025 Скопје

И покрај поднесените иницијативи за воведување на поправеден систем на пресметка на потрошената електрична енергија, состојбите во пракса покажуваат дека граѓаните и понатаму се изложени на неправедни и паушални сметки. Според Здружението на инженери на РС Македонија, компанијата ЕВН Хоме не е подготвена, ниту технички ниту кадровски, да спроведе фер и недискриминаторен систем на наплата заснован на реална потрошувачка.

„Измените во софтверските решенија не се изведуваат самостојно од страна на ЕВН, туку преку ангажирање надворешни фирми, а притоа никој досега не извршил увид или експертиза на програмскиот код. Уште помалку е проверена точноста на алгоритмите врз основа на кои се проценува потрошувачката“, наведуваат од Здружението.

На подготвителната седница на Регулаторната комисија за енергетика, се разговараше за предложените измени на Правилата за снабдување со електрична енергија. Седницата траеше два и пол часа, а претставниците на ЕВН признаа дека процесите на отчитување и корекција на сметки сè уште не се автоматизирани, иако на нивната веб-страница тврдат спротивно. Според учесниците, сметките и натаму се коригираат рачно и се базираат на процени, а не на реални податоци.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, побара од ЕВН да достави дополнителни објаснувања во рок од десет дена. Додека не се добијат тие информации, ситуацијата останува непроменета.

„Нашата цел е да се воведе систем на наплата кој е праведен и транспарентен, со автоматска корекција на паушалните сметки и без дискриминација на потрошувачите“, појаснуваат од Здружението на инженери на РС Македонија.

Според нив, компанијата не покажала конкретна намера за брза замена на постојните броила со нови, кои овозможуваат далечинско отчитување. Исто така, додаваат дека спроведувањето на таков систем може да резултира и со поскапување на електричната енергија, што значи дека реализацијата би можела да трае со години.

Во вакви околности, граѓаните остануваат единствениот ефикасен механизам за спречување на неправедно фактурирање. Здружението ги повикува сите потрошувачи редовно да ги проверуваат своите сметки и да поднесуваат приговори до ЕВН Хоме секогаш кога се сомневаат во нивната точност.

„Со тоа граѓаните ќе го искористат своето право да се заштитат од неправедна наплата и несоодветно префрлување во повисоки тарифни блокови, со што често се наплаќаат поголеми суми од реално потрошеното количество на струја“, заклучуваат од Здружението.

Подготвено од М.Д.

About Author