DROGA KOKAIN

24.04.2025 Скопје

На улиците во Европа има се повеќе кокаин, предупредува германската полиција. Во исто време, поради талибанците се помалку има опиум и хероин од Авганистан. Но, постои вистинско море од синтетички дроги.

Шефот на германската Федерална канцеларија за криминалистичка полиција (БКА), Холгер Мунк, во разговор со германските новинари го користи зборот „поплава“ кога зборува за кокаинот во Европа и особено во Германија.

„Ова се должи на заситеноста на пазарот во Северна Америка и поголем фокус на Европа. Кокаинот многу брзо се шири во Германија.

Исто така, германската полиција знае дека јужноамериканските нарко босови не само што имаат огромни суми пари за „подмачкување“ на дистрибуцијата, туку знаат и дека главниот канал за шверц е сè повеќе заобиколниот пат, пред се преку Африка.

Германската полиција забележува промена и на пазарот за хероин. Поради талибанците, кои во Авганистан, во согласност со шеријатските закони, наметнуваат строги казни за одгледувачите на опиум, на пазарот има недостиг, а со тоа е зголемен ризикот зависник да купува хероин помешан со синтетички опијати, што е исклучително опасно.

Поплавата од кокаин се одразува и на цената на дрогата „на улица“ – досега се знаеше дека ако грам чини помалку од 50 евра, тогаш се меша со некаков обично безопасен бел прав – а за „чист“ треба да плати и до 90 евра.

Но, сега сè е многу помалку јасно, бидејќи дилерите нудат „промоции“ за да привлечат купувачи. Некои нудат и достава до дома.

Главната конкуренција за кокаин се синтетичките наркотици.

„Крек“ на улица чини речиси колку пиво во паб – околу пет евра. И постои вистинско море од други синтетички дроги кои чинат уште помалку за една таблетка.

Полицијата евидентирала и кривични дела поврзани со наркотици: евидентирала зголемување од околу пет отсто кај кокаинот во однос на лани, а многу повеќе кај синтетичките дроги, бидејќи се произведуваат во илегални лаборатории во самата Европа.

Подготвено од М.Д.

About Author