
22.04.2025 Скопје
Германските потрошувачи морале да платат 16,7 отсто повеќе за чоколадо во март отколку во истиот месец минатата година, објави германскиот завод за статистика. Најзначајно поскапување е забележано кај чоколадите (+25 отсто).
Но забележително се повисоки цените и на другите чоколадни производи (+11,1 отсто).
„За разлика од нив, има нерамномерен развој на цените на кондиторските и бели печива“, констатираа статистичарите. Тие во март поскапеа за вкупно 3,1 отсто. Ова пред се се однесува на цените на пралините и чоколадите. За разлика од нив, мало намалување има кај гуми за џвакање, гумени бонбони и слични производи. За споредба, цените на храната во целина се зголемија за три отсто во истиот период.
А среднорочните споредби јасно покажуваат дека чоколадото минатата година морало да се плати за 40 отсто повеќе отколку во 2020 година, при што класичното чоколадо поскапело за 32 отсто, додека другите чоколадни производи требало да се платат дури 46 отсто повеќе. Слатките во тој среднорочен период поскапеле за 29 отсто, а јајцата за дури 38,5 отсто. Во тие четири години цените на храната во целина пораснале за 33 отсто.
Причините за овие поскапувања се пред се климатските промени. Лошата жетва влијаеше на цените на какаото во последните години. Периодите на суша се менуваат со обилни врнежи, првенствено во земјоделските делови на Западна Африка. Какаовите дрвја се сè поподложни на напади од штетници кои брзо и непречено се размножуваат во такви временски услови.
На почетокот на оваа недела, западноафриканската земја Брегот на Слоновата Коска, која е најголем светски производител на какао, предупреди на опасност од пропаѓање на посевите поради преголеми врнежи. Бербата во таа земја се одвива од април до септември. Прогнозите укажуваат на ризик од обилни врнежи од дожд, па не е загрозена само количината на земјоделските култури, туку и нивниот квалитет. А тоа значи ново поскапување на светскиот пазар.
Подготвено од М.Д.