PALESTINA

10.04.2025 Скопје

Франција би можела да ја признае Палестина во јуни за време на меѓународната конференција што ќе ја организира со Саудиска Арабија, изјави во средата францускиот претседател Емануел Макрон.

„Мораме да се движиме кон признавање и тоа ќе го направиме во наредните месеци“, рече Макрон во интервју.

Тој додаде дека планираната конференција за спроведување на решението со две држави за израелско-палестинскиот конфликт, што треба да се одржи во Њујорк, може да претставува пресвртница.

„Нашата цел е да бидеме домаќини на оваа конференција (за Палестина) со Саудиска Арабија некаде во јуни, каде што би можеле да го финализираме ова движење на заемно признавање од повеќе страни“, рече Макрон.

Во февруари 2024 година, Макрон изјави дека признавањето на палестинската држава „не е табу за Франција“, нагласувајќи дека таквиот потег е морална и политичка потреба.

„Го должиме тоа на Палестинците, чии аспирации се газени предолго. Тоа им го должиме на Израелците кои го доживеаја најголемиот антисемитски масакр на нашиот век. Му го должиме на регионот кој сака да избега од оние кои шират хаос и одмазда“, рече тогаш Макрон.

Во моментов, 147 од 193 членки на ОН ја признаваат Државата Палестина. Во мај минатата година, Шпанија, Ирска и Норвешка се приклучија на листата, со што бројот на земји-членки на ЕУ кои ја признаа Палестина се искачи на десет. Останатите се Бугарија, Кипар, Малта, Унгарија, Полска, Шведска и Романија.

Неколку други европски земји, особено во Источна Европа – вклучувајќи ги Украина, Албанија, Србија, Црна Гора и Белорусија – исто така ја признаа палестинската државност.

На крајот од својата педесет и осма седница во петокот, Советот за човекови права на ОН во Женева усвоил две резолуции презентирани од Државата Палестина, со кои се потврдува незаконитоста на израелските колонијални практики на окупираната палестинска територија, вклучително и источен Ерусалим, и се поддржува неотуѓивото право на палестинскиот народ на самоопределување. Триесет и четири нации гласаа за резолуцијата во врска со незаконитоста на колонијалната експанзија  додека 10 беа воздржани и три беа против. Во однос на резолуцијата за правото на палестинскиот народ на самоопределување (A/HRC/58/L.31), поддршка дале 43 земји, а само две држави биле воздржани – од кои едната е РС Македонија.

Подготвено од М.Д.

About Author