
23.04.2025 Скопје
Филмовите направени со помош на вештачка интелигенција (AI) ќе можат да ги добијат најпрестижните награди на Оскарите, објавија организаторите.
Академијата за филмски уметности и науки во понеделникот издаде нови правила, наведувајќи дека употребата на вештачка интелигенција и други дигитални алатки „ниту ќе помогнат ниту ќе ги попречат шансите на филмот да добие номинација“.
Генеративната вештачка интелигенција, која може да создава текст, слики, звук и видео како одговор на едноставни текстуални команди, помогна да се произведат некои од филмовите што о март освоија врвни награди.
Сепак, Академијата нагласи дека ќе продолжи да го зема предвид човечкиот придонес при изборот на победникот.
Академијата изјави дека новата формулација на правилата за подобност на филмови направени со генеративни алатки за вештачка интелигенција била препорачана од нејзиниот Совет за наука и технологија.
Според дополнителните промени во правилата објавени во понеделникот, членовите на Академијата сега мора да ги гледаат сите номинирани филмови во секоја категорија за да учествуваат во последниот круг на гласање, кој ги одлучува победниците.
Употребата на вештачката интелигенција во филмот стана главна тема откако Адријан Броди ја освои наградата за најдобар актер за неговата улога во „Бруталист“ на овогодинешната церемонија на Оскарите во март.
Во тој филм, генеративната вештачка интелигенција беше искористена за да се подобри акцентот на актерот додека зборуваше на унгарски.
Подготвено од М.Д.