venko-filipce-1

07.04.2025 Скопје

Староновиот претседател на СДСМ, Венко Филипче вети дека ќе ја врати државата на победничката патека, за доброто на РС Македонија, за доброто на сите граѓани. Според него, победата на изборите во партијата е заедничка победа на сите членови на Социјалдемократскиот сојуз кои искрено веруваат во вредностите на социјалдемократите – правичноста, напредокот и еднаквоста.

Ова го кажа на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче, откако беше прогласен неговиот избор за лидер на партијата на директни внатрепартиски избори, на кои тој беше единствениот кандидат.

Тој од вкупно 23.712 запишани избирачи добил 18.001 глас, додека 139 ливчиња се неважечки, соопшти претходно претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски.

Тоа што освоив двојно повеќе гласови од претходниот пат е само доказ дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не беше само технички организиран, туку е доказ дека нашите членови искрено веруваат во исправноста на политиките кои изминатиот период ги водиме и така и ќе продолжиме. Искрено ќе комуницираме со сите, секој еден ќе биде слушнат сечија идеја ќе биде добро анализирана, и доколку е добра ќе биде вградена во нашите политики, рече Филипче.

Оцени дека задачата што претстои пред партијата е тешка, со оглед дека почнуваат подготовките за локалните избори.

Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе не претстават на локалните избори, луѓето кои имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пред пријателите и познаниците во своите општини, луѓе на кои може да им се верува дека политиките и програмите кои ќе ги ветат, ќе може да ги исполнат. Ќе имаме тешка работа затоа што ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ, за жал нивните градоначалници не испорачуваат добри политики, гледаме се повеќе корупциски скандали, не ги водат општините како што треба, рече Филипче.

Тоа, според него, најдобро се гледа по примерот на градот Скопје, којшто, како што рече, заради инаетот и бизнис интересите на градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ нема ни јавен превоз, ни чисти улици, ниту еден проект за доброто на граѓаните и оти Скопје мора повторно да стане метропола.

Имаме уште една тешка друга борба – а тоа е да се бориме против оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, која што во изминатите десет месеци само покажа дека ниту знае ниту умее да се справи со проблемите, дека се што кажаа излажаа, дека не испорачаа ниту едно ветување, понеспособна влада државава немала никогаш досега.

Затоа, рече, имаме обврска пред граѓаните да покажеме дека сме подготвени и мотивирани, дека знаеме, умееме и ќе се бориме за доброто на државата и дека ќе ја вратиме на европскиот пат.

Нема да дозволиме граѓаните да бидат манипулирани. Нема ниту една област во која нешто добро се случува. Видете што се случува и какви катастрофални политики се водат во земјоделството, образованието, здравството. Гледајте што се случува со платите на работниците, ги убедуваа дека можат да живеат со 400 евра месечно, какви лицемери седат во владата – оттука јасно им порачувам СДСМ е силна, спремна и консолидирана и се враќа на победничката патека. Ние ќе бидеме тие што ќе ја вратиме државата на победничката патека, заклучи Филипче.

Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.

Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори. Тогаш негови противкандидати му беа Јован Деспотовски и Александар Бајдевски, додека Славјанка Петровска се повлече од трката ден пред изборите. Филипче ќе има мандат од четири години.

Подготвено од М.Д.

About Author