
14.04.2025 Скопје
Советникот за трговија на Европската комисија, Марош Шефчович, следната недела ќе се сретне со американски претставници во Вашингтон за евентуален договор за тарифи, додека министрите за надворешни работи на земјите-членки се состануваат во Луксембург.
Шефчович утре ќе разговара со американски претставници. Европската унија се надева на договор за „избегнување на царини и штетна ескалација на двете страни на Атлантикот“, изјави портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.
Европската унија на 90 дена ги одложи контрамерките усвоени како одговор на американските царини за алуминиум и челик, откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги намали таканаречените реципрочни царини што ги воведе за околу шеесет земји во различен процент.
Европската унија ги стави во мирување своите контрамерки како знак на добра волја и да го отвори патот за преговори, иако американските царини за алуминиум и челик, како и за автомобили и автомобилски делови, остануваат на сила.
„Сакаме да им дадеме шанса на преговорите. Доколку преговорите не бидат задоволителни, нашите контрамерки ќе стапат на сила“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен минатата недела.
Во понеделник во Луксембург се среќаваат министрите за надворешни работи на земјите членки. Главните теми се руската агресија врз Украина, ситуацијата на Блискиот исток и односите со Африка. За време на работниот ручек ќе се разговара за состојбите во Западен Балкан, особено Босна и Херцеговина и Србија. Во дискусијата ќе учествуваат и министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.
Подготвено од М.Д.