
22.04.2025 Скопје
ЕУ е недоволно брза во екотехнолошкото производство, што загрижува оти влијае врз нејзините цели да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и да остане глобално конкурентна.
Еврокомесарката за стартапи, истражувања и иновации Екатерина Захариева предупреди на ова за време на Енергетскиот самит на ЕУ на 7 април.
„Нашиот капацитет за производство на клучнa технологиja заостанува зад конкуренцијата и е далеку под потребниот за да ги оствариме нашите климатски цели и амбиции за декарбонизација“, истакна бугарската политичарка.
Компаниите на ЕУ сносат повисоки трошоци за производство и зависни се од синџири на снабдување со специфични компоненти или суровини, се вели во извештајот за напредокoт на конкурентноста на технологиите за чиста енергија објавен од Европската Комисија. Според извештајот, проблеми претставуваат и високите цени на електричната енергија и недостигот на работна сила.
Захариева рече дека ЕУ има добра појдовна точка како резултат на „децениите стабилни инвестиции“, укажувајќи на фактот дека Унијата има патенти на 22% од вкупната екотехнологија и покрај тоа што во во неа живее само 5% од светското население.
Нивоата на јавни инвестиции пораснале, но сè уште не се каде што треба да бидат и „не ни оди баш најдобро со приватните инвестиции“, додаде таа.
Загрижува и дека во Европа има неурамнотеженост во поглед на инвестициите. Германија и Франција се одговорни за 45% од инвестициите во проекти со нула нето емисии на јаглерод диоксид, според ланскиот извештај објавен од европскиот аналитички центар Стратеџик перспективс. Шпанија е трет по големина инвеститор, со влог од околу 28,06 милијарди евра во овој сектор во 2023, трипати повеќе отколку во 2019. Во извештајот се препорачува дека ЕУ треба да вложува заеднички за да не заостане зад Кина и САД.
На овој план чекори преземаат и други земји членки на ЕУ.
Во Бугарија, министерот за енергија Жечо Станков е сигурен дека државата има потенцијал да биде регионален лидер во производството на зелена енергија.
Во градот Стара Загора ќе се отвори Центар за извонредност во производство на обновлив водород, со цел да се промовира развојот на иновативна технологија за производство и употреба на водород без емисии на штетни гасови. Проектот е финансиран со 15 милиони евра во рамките на програмата Хоризонт Европа и кофинансиран од државата.
Еврокомесарката Захариева рече дека Стара Загора ќе стане т.н. водородна долина (место што го спојува производството на обновлив водород, складирање на водородот и дистрибуција до крајните потрошувачи) во Европа. Ќе се произведуваат 500 тони водород годишно и ќе се отворат нови работни места, ќе се развиваат капацитети и ќе се привлекуваат квалитетни инвестиции.
Во 2023, словенечката влада донесе одлука да инвестира над 200 милиони евра во следните пет години во домашната индустрија за автомобилски делови за да го поддржи развојот на иновативни технологии за електрификација на мобилноста и намалување на емисиите во автомобилскиот сектор.
Некои политички лидери посочуваат на придобивките од ваквите инвестиции. генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш рече дека „обновливите извори на енергија ги обновуваат економиите“.
„Поттикнуваат напредок, создаваат работни места, ги намалуваат сметките за струја и ни го прочистуваат воздухот. И секој ден, стануваат уште попаметни инвестиции“, рече во својот говор на една климатска конференција во Берлин минатиот месец.
На пример, секторите за обновлива енергија и термопумпи се одговорни за 168.050 работни места во Шпанија и 150.030 во Франција.
И домаќинката на состанокот, германската министерка за надворешни работи во заминување Аналена Бербок, ја отфрли како „стара предрасуда“ идејата дека заштитата на климата била голем економски товар.
„Сите знаеме дека во мигов има расипувачи на светов што сакаат да спречат“ поголеми климатски инвестиции, рече таа. „Денес заштитата на климата и економскиот раст повеќе не се косат.“
Бербок продолжи: „Заштитата на климата нуди огромни економски можности и ние како Европејци сакаме да ги искористиме.“
Европа особено сака да соработува со „компании и земји во Латинска Америка, Африка и други региони низ целиот свет“, додаде таа.
„Ако другите, како САД, решат да не се вклучат во ова, тоа си е нивна одлука.“
ЕУ планира да се соочи со ситуацијата така што ќе ги зголеми инвестициите во еколошки технологии, во согласност со Договорот за чиста индустрија што го претстави во февруари.
Неговата цел е да мобилизира над 100 милијарди евра за поддршка на чисто производство во ЕУ. Договорот, исто така, ја зајакнува посветеноста на ЕУ кон намалување на емисиите за 90% до 2040 и опфаќа мерки како поедноставување на издавањето дозволи за ветерни паркови и други инфраструктурни проекти, како и адаптирање на регулативата за јавни набавки за да им се даде предност на чистите технологии произведени во Европа.
Меѓутоа, договорот наиде на остри критики кај екоактивистите. „Со настојувањето за дерегулација, а без конкретен план за вистинско мобилизирање дополнителни финансии, нема многу простор да се претворат амбициите во акција“, рече Кјара Мартинели, директорка на Мрежата за климатска акција Европа, кога беше објавен договорот. „Единствениот вистински приоритет во договорот се чини дека е да се олабават правилата за известување, наместо да се осигура дека компаниите придонесуваат кон фер и конкурентна економија отпорна на климатските промени.“
Во меѓувреме, годишниот Извештај за состојбата со климата во Европа, објавен во вторникот од Службата за климатски промени Коперник и Светската метеоролошка организација, ја прикажа сериозната ситуација во Европа. Честите тешки невремиња и големите поплави однеле најмалку 335 човечки жртви и влијаеле врз околу 413.000 луѓе во 2024.
„Извештајот посочува дека Европа е континентот што најбрзо се загрева и трпи сериозни влијанија од екстремните временски услови и климатските промени“, изјави генералната секретарка на Светската метеоролошка организација Селестa Сауло. „И најмалата поделка на температурната скала, за само делче степен нагоре, е од значење затоа што го зголемува ризикот по нашиот живот, економиите и планетата.“
Подготвено од М.Д.