
15.04.2025 Скопје
Како потенцијално решение, се размислува за воведување на обврзувачки минимални цени за кинеските електрични модели.
Европската унија воведе високи тарифи за кинеските електрични автомобили откако беше откриено дека производителите добиваат значителни владини субвенции што им овозможија да ги намалат европските конкуренти со ниски цени.
Германија, која од самиот почеток остро се спротивставуваше на царините, сега ги поддржува преговорите. Месеци по воведувањето на царините, кинеските и претставниците на Европската унија, наводно, работат на договор што ќе им овозможи да избегнат царинска војна.
Наместо тоа, двете страни сега ја разгледуваат идејата за воведување минимални цени за кинеските EV модели како потенцијално решение.
Портпаролот на Европската комисија потврди дека европскиот комесар за трговија Марош Шефчович и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао неодамна разговарале и се согласиле да ја истражат оваа можност.
Во оваа фаза преговорите се уште се во тек и конкретни детали се уште не се објавени.
Во моментов нема јасен поглед за тоа како би изгледале тие минимални цени. Шефчовиќ изјави дека секое правило за цена ќе мора да биде ефективно и проверливо како тарифите, но без да создава дополнителни компликации.
Европската унија воведе царини за кинеските електрични автомобили минатата година по широката истрага за тоа дали кинеските компании добиваат неправедни субвенции од нивната влада, што им овозможува да произведуваат и продаваат електрични возила по значително пониски цени од западните конкуренти.
Стапките на новите тарифи варираат во зависност од нивото на помош што ја добиле брендовите и нивната соработка за време на истрагата на ЕУ.
На пример, кинескиот конгломерат SAIC доби највисока казна – тарифа од 35,3 отсто, што се додава на веќе постојната увозна давачка од 10 проценти.
Другите компании, како што се BYD и Geely, беа погодени со царини од 17 отсто и 18,8 проценти.
Одлуката за воведување тарифи не беше донесена едногласно. Десет земји-членки на ЕУ гласаа за, 12 беа воздржани, а пет беа против.
Германија беше меѓу оние кои се спротивставија на царините и сега со задоволство ги поддржува обидите да се најде избалансирано решение.
„Без оглед на актуелните светски трендови, ние мора да разговараме и како да ги намалиме пречките и нарушувањата во меѓународната трговија, а не да градиме нови бариери“, се вели во соопштението на Германското здружение за автомобилска индустрија (ВДА).
Како што напредуваат преговорите, останува да се види дали стратегијата за најниските цени навистина ќе заживее или тоа ќе биде уште еден обид да се избегне соочување со подлабоки проблеми во глобалната трговија.
Подготвено од М.Д.