
25.04.2025 Скопје
Дресот на Коби Брајант носен за време на претсезонското и дебито во регуларната сезона играјќи за Лос Анџелес Лејкерс беше продаден за 7 милиони долари на аукција на „Сотби’с“ во Њујорк во четвртокот, соопшти аукциската куќа.
Дресот беше усогласен со фотографии од седум натпревари од неговата дебитантска сезона 1996/97, вклучувајќи го и неговото деби во претсезоната на 16 октомври и дебито во регуларниот дел од сезоната на 3 ноември 1996 година, како и неговиот ден за медиумите во НБА.
Со сума од седум милиони долари, овој дрес е четвртиот најскап носен спортски дрес во историјата, зад познатиот „кол шут“ дрес на Бејб Рут (24 милиони долари), дресот на Мајкл Џордан од финалето на НБА во 1998 година (10,1 милиони долари) и дресот на Диего Марадона од Светското првенство во 1998 година, продаден за 6 милиони долари.
„Првите натпревари се навистина уникатни моменти во кариерата на еден спортист“, рече раководителот на одделот за модерни колекционерски предмети на „Сотби’с“, Брам Вахтер.
„Тие го означуваат почетокот на едно извонредно патување, а за легендарни спортисти како Коби Брајант, овие пресвртници имаат уште поголемо значење бидејќи претставуваат момент што се случува еднаш во животот.“
Оваа продажба го надмина претходниот износ од 5,85 милиони долари, кој беше платен за неговиот потпишан и носен дрес од натпреварите кога беше прогласен за најкорисен играч (МВП) во сезоната 2007/08.
Петкратниот НБА шампион Брајант загина на 41-годишна возраст во хеликоптерска несреќа во јануари 2020 година, во несреќата животот го загубија неговата ќерка Џана и уште седум лица.
Подготвено од М.Д.