Evra-780x405-1-696x361

15.04.2025 Скопје

Бидејќи населението во оддалечените делови на Италија продолжува да се намалува, локалните власти се сè покреативни во својот пристап кон проблемот. По познатата иницијатива за продажба на куќи за едно евро, која во претходните години го привлекуваше вниманието на странците ширум светот, италијанските власти одат чекор понатаму – овојпат нудат конкретни пари.

Северниот регион Тренто, познат по своите спектакуларни Доломити, лозја, езера и скијачки патеки, одлучи да го поттикне населувањето на напуштените села преку многу дарежлив поттик. Локалната самоуправа нуди финансиски пакет до 100.000 евра. Од нив 80.000 евра се наменети за реновирање на напуштениот имот, додека дополнителни 20.000 евра служат како поддршка за купување на самата куќа.

Иако нема фиксна цена за куќата што треба да ја купите, проценките сугерираат дека оваа сума покрива меѓу третина и речиси половина од вкупните трошоци.

Не е се така едноставно.

Помошта доаѓа со одредени обврски. Примачот на средствата мора да живее во куќата десет години – или може да ја изнајми, но по јасно дефинирана „прифатлива“ цена за изнајмување. Во случај на непочитување на условите, средствата ќе треба да се вратат.

Има и ограничување на сумата што може да се потроши за реновирање од сопствени средства – максимум 120.000 евра, бидејќи вкупниот трошок за реновирање не смее да надмине 200.000 евра. Идејата е да се зачува локалната архитектура и да се спречи изградбата на луксузни вили кои се издвојуваат од околината.

Дополнително, не ви е дозволено да аплицирате доколку веќе живеете во тој регион и сте под 45 години. Исто така, поединци можат да добијат средства за најмногу три имоти – за никој да не купува цели села. Вкупно 33 општини се на листата на потенцијални места за населување – од затскриени долини до историски села далеку од туристичката гужва.

Подготвено од М.Д.

About Author