
01.04.2025 Скопје
Златото отсекогаш било симбол на моќ и просперитет. Од античките царства до модерните финансиски пазари, овој благороден метал ја задржува својата привлечност. Деновиве, златото повторно е во фокусот – неговата цена достигна рекордни 3.123,21 долари за унца, предизвикувајќи нова „златна треска“ низ целиот свет.
Иако многумина мислат дека цената на златото е диктирана исклучиво од понудата и побарувачката, вистината е посложена. Веќе повеќе од еден век, цената се дефинира преку т.н. „Лондонски Goldfiksing“, каде што двапати дневно водечките трговци со злато утврдуваат референтна вредност. Денес, покрај ова традиционално одредување на цената, електронската трговија овозможува вредноста на златото да се менува од секунда во секунда, следејќи ги глобалните економски текови.
Освен што е редок и тешко се добива, златото има уникатни физички својства – неверојатна издржливост, одлична електропроводливост и отпорност на корозија. Овие карактеристики го прават неопходно во многу индустрии. Од модерната електроника до стоматологијата, златото е присутно насекаде – во еден обичен паметен телефон има околу 30 милиграми злато, а некои стоматолошки пломби сè уште се изработуваат од овој метал поради неговата отпорност на хемиски реакции.
Во време на економска несигурност, златото станува клучен финансиски инструмент. Централните банки ширум светот го користат како средство за стабилизација на националните валути и заштита од инфлација. Во првата половина од 2024 година, банките купиле рекордни 483 тони злато, докажувајќи дека вербата во овој благороден метал не опаѓа. На врвот на листата со најголеми златни резерви се САД со 8.133,5 тони, следени од Германија, Италија, Франција и Кина.
Со растот на цената, сè повеќе индивидуални инвеститори се заинтересирани за злато. Додека златниот накит често не е најисплатлива опција поради мешавината со други метали, златните полуги и монети се сметаат за сигурна инвестиција. Алтернативно, постојат и финансиски инструменти како ETF и ETC фондови, кои овозможуваат учество на берзата без директно поседување на физичко злато.
Златната треска можеби никогаш нема да исчезне – историјата покажува дека во секоја економска криза луѓето се враќаат кон сигурните вредности. А златото, без разлика дали во вид на резерва, инвестиција или индустриски ресурс, останува најсигурниот симбол на богатство и стабилност.
Подготвено од М.Д.