sub-buzz-3929-1623847404-1

07.04.2025 Скопје

Украинските власти со недели бараат начини да ја затворат големата дупка во заштитниот капак над оштетената единица 4 на деактивираната нуклеарна централа Чернобил, што беше предизвикано од рускиот напад.

Ноќта на 14 февруари, руски дрон ја проби заштитната бариера. Потоа избувнал пожар, кој предизвикал значителна штета на покривната конструкција. Пожарот бил изгаснат дури на 7 март, три недели по нападот.

„Примарната задача е да се затвори дупка со големина од околу 15 квадратни метри, но и повеќе од 200 мали дупки што Државната агенција за управување со вонредни состојби ги избуши на покривот за време на операцијата за гаснење на пожарот“, вели Григориј Ишченко, директор на украинската државна агенција одговорна за управување со забранетата зона околу централата во Чернобил.

Според Ишченко, на местото пристигнуваат експерти од истражувачки институти за да ги испитаат заштитните школки. „Прелиминарните препораки за поправки треба да бидат достапни во рок од еден месец“, вели експертот.

Школката била изградена над стариот таканаречен саркофаг, привремена заштитна школка. Тој е наменет да го спречи ширењето на радиоактивното зрачење од блокот 4 на електраната што експлодира во 1986 година.

За изградба на оваа понова школка, 45 земји донатори ги здружија силите со Украина и собраа повеќе од една и пол милијарда евра; во проектот беа вклучени 10.000 луѓе од 40 земји. Од потпишувањето на договорот до пуштањето во употреба на новата заштитна обвивка во 2019 година поминаа речиси дванаесет години.

Ишченко вели дека сѐ уште нема прелиминарна процена за штетата предизвикана од рускиот напад. Надлежните истражувачки институти ќе направат соодветна пресметка по истрагата.

„Нивото на радијација е нормално. Персоналот продолжува да работи како порано. Само системот за контрола на притисокот повеќе не функционира, а измерена е малку зголемена влажност. Тоа се должи на нападот и падот на притисокот под школката, која веќе не е херметичка“, објаснува Ишченко.

Според експертите, падот на притисокот под капакот не претставува непосредна закана, но има други опасности.

„Во моментов е невозможно безбедно да се демонтира стариот саркофаг, кој во 1986 година беше поставен над уништениот блок на електраната веднаш по катастрофата“, вели Дмитро Хуменјук од Државниот научен и технички центар за нуклеарна и радијациона безбедност на Украина.

За таа цел е изградена нова заштитна покривка – затоа што стариот саркофаг е дотраен. Сè уште има 18 нестабилни греди. Се стравува дека една од трите главни попречни греди може да се урне во секој момент.

„Доколку делови од структурата се срушат под сега оштетената заштитна обвивка, би се подигнала радиоактивна прашина“, вели Хуменјук. „Во моментов, заштитната обвивка не ја исполнува својата функција, имено задржување на продуктите на фисијата во реакторот“, вели експертот.

Но експертите нагласуваат дека тоа не значи дека граѓаните сега треба да складираат таблети со јод или да бараат начини за евакуација. Тие жалат што сите напори на меѓународната заедница, која собра пари за изградба на заштитно засолниште, сега практично се покажаа залудни.

„Ќе биде невозможно да се завари и да се поправи оштетената обвивка на лице место бидејќи нивото на радијација таму е многу високо и работниците би биле премногу изложени. Заштитната обвивка беше поставена малку подалеку и се лизгаше по шините над стариот саркофаг. Со оглед на тоа што шините сега се демонтирани, мора да направиме нешто друго“, објаснува Дмитро Хуменјук.

Јан Ванде Путе од Гринпис Украина гледа само еден начин да се продолжи со работата на заштитната обвивка: „Поради високото ниво на радијација над саркофагот, целата чернобилска заштитна обвивка веројатно ќе треба да се помести на шините наназад, а потоа да се вршат скапите поправки“.

Според него, сѐ уште е сосема нејасно колку ќе чинат овие работи.

Како што е објавено на веб-страницата на нуклеарната централа, на 18 март претставници на Европската банка за обнова и развој го посетија Чернобил, ги прегледаа техничките капацитети и просторот под заштитниот плик, а разговараа и со претставници на раководството на нуклеарната централа.

Првично, 400.000 евра за експертска проценка на штетите ќе бидат достапни од сметката на Меѓународната соработка во Чернобил (ИЦЦА), со која управува Европската банка.

Подготвено од М.Д.

About Author