4a3bea44f008c7205c84811bdc65e167--macedonia-gorge

10.04.2025 Скопје

Заштита на недопрениете реки на Балканот, размена на искуства и презентација на успешните примери на заштитени водотеци, се главните теми на третата меѓународна конференција за заштита на реките на Југоисточна Европа што денеска се одржува во Скопје. РС Македонија, заедно со Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора се дел од регионалната иницијатива „Заедно за реките“ во која се работи на заштита на делови од 11 водотеци. Еден од нив е и долниот тек на Вардар кај Демир Капија заедно со пет помали притоки, за кои пред две години беше поведена иницијатива за заштита.

Игор Вејновиќ од меѓународната организација The Nature Conservancy нагласи дека целта на конференцијата е да се сретнат сите засегнати страни од институциите, експертите и граѓанските организации кои работат на заштита на водите.

„Ова е третата конференција која ја организираме, овојпат заедно со иницијативата „Заедно за реките“ која работи на заштита на 400 километри недопрени реки на Балканот. Од тие се веќе заштитени 50 километри, тоа се реките Мрежница и Тончица во Хрватска и Бистрица во Црна Гора, каде сега се работи и на обезбедување одржливост за овие региони. Се надеваме дека во текот на годинава ќе ја заштитиме и реката Вардар и клисурата во Демир Капија“, рече Вејновиќ.

Вардар е под поголем притисок од индустриско и комунално загадување, а идејата е да се заштити заедно со клисурата во Демир Капија која е значајно подрачје и за птиците. Според Ѓорѓи Митревски од Еко свест, заштитата на Демир Капија е започната пред две години, што треба да резултира со заштита на дел од клисурата, реката и пет планински притоки.

„Иницијативата е во завршна фаза, се изработува Студија за валоризација на вредностите која треба да биде готова во септември. Соработуваме со Министерството за животна средина и со клокалните власти кои учествуваат во процесот. Се надеваме дека до следната година ќе имаме ново заштитено подрачје кое ќе биде поделено на зони и во зоната на строга заштита каде што се најголемите вредности ќе бидат дозволени само научни истражувања“, рече Митревски.

Тој посочи дека е неопходно што побрзо да биде донесен новиот закон за води, кој ќе бид усогласен со Европската рамковна директива за води, која е всушност најважниот документ според кој треба да се планира заштитата на водотеците, бидејќи актуелниот закон не ги транспонира клучните елементи од директивата.

„Се залагаме за силна инспекциска контрола во заштитата на реките. Не би сакале да имаме вакви поединечни инциденти како излевањето на јамска вода од рудникот Тораница во Крива река, а забележуваме дека често се повторуваат заради што се занимаваме со решавање на акутни состојби. Треба да се работи на промена на политиките, засилување на надзорот и воведување на европските начини на управување со реките“, вели Митревски.

Подготвено од М.Д.

About Author