
16.04.2025 Скопје
„Алказар енерџи партнерс“ (AlcazarEnergyPartners – АЕП), соопшти дека потпишале договор со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Групацијата Светска банка за пристап до средства за развојна поддршка за фаза еден од ветерниот парк Штип, најголемиот проект за ветерна енергија во Република Северна Македонија. Со договорот се зајакнува посветеноста на двете страни за мобилизација на приватен капитал за одржлива инфраструктура на стратешки растечки пазари, се вели во соопштението.
„Церемонијата на потпишување се одржа на маргините на Самитот за ЕСГ Адриа во Порто Монтенегро и присуствуваа високи претставници на Владата на Република Северна Македонија, заедно со Тим Шихан, виш директор во АЕП и Патрик Авато, менаџер за енергија и инфраструктура во Европа при ИФЦ. Првата фаза од проектот за ветерниот парк Штип ќе започне со изградба во текот на оваа година. Вкупниот инсталиран капацитет, по завршувањето на сите фази, ќе изнесува околу 400 MW. Проектот, кој ќе обезбеди чиста и сигурна енергија за над 100.000 домаќинства и ќе намали до 690.000 тони ЦО2 годишно, претставува значаен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и целите за обновлива енергија на Република Северна Македонија, се вели во соопштението од АЕП.
Вкупната инвестиција се проценува на 500 милиони евра. Даниел Калдерон, ко-основач и управувачки партнер во „Алказар енерџи партнерс“, изјави дека очекуваат со проектот да испорачаат трајна вредност за заедницата.
„Нашето континуирано партнерство со ИФЦ е клучно во напредокот на ветерниот парк Штип. Заедно, не само што ја унапредуваме енергетската транзиција, туку и ја поддржуваме економската развојна и долгорочната енергетска безбедност. Очекуваме да испорачаме проект што ќе донесе трајна вредност за заедницата и ќе ги зајакне одржливите амбиции на Република Северна Македонија“, изјави Калдерон.
АЕП моментално напредува со деталниот дизајн на проектот и ангажира водечки инженери, еколошки, правни и социјални советници за да обезбеди усогласеност со највисоките меѓународни стандарди. Ветерниот парк Штип е првиот проект на АЕП во Република Северна Македонија и ја одразува стратегијата на компанијата за проширување во Западен Балкан, каде што веќе има стекнато портфолио од 1,5 GW на зелени проекти за ветерна и соларна енергија, кои ги поддржуваат националните цели и глобалните климатски заложби.
Патрик Авато, менаџер за инфраструктура и енергија во Европа при ИФЦ, изјави:
„ИФЦ и ‘Алказар енерџи партнерс’ имаат изградено стратешко партнерство повеќе од една деценија, соработувајќи на развој на одржливи енергетски проекти во земји во развој. Ветерниот парк Штип е природно продолжение на оваа соработка, насочена кон зголемување на пристапот до достапна и чиста енергија – суштинска за економска конкурентност и раст. Освен што ќе ја зајакне енергетската безбедност на земјата, проектот ја одразува и посветеноста на ИФЦ за поддршка на одржливи енергетски решенија што ги исполнуваат меѓународните стандарди и придонесуваат за праведна енергетска транзиција во регионот“, изјави Авато.
Подготвено од М.Д.