
25.04.2025 Скопје
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) на Бугарија санкционираше две компании за преработка на млечни производи поради присуство на кравјо млеко во овчо сирење. Казната е над еден милион лева.
Постапката е поведена по прелиминарна истрага од страна на КЗК во врска со публикациите за неусогласеност во содржината на овчо сирење во 2023 година. Комисијата прецизира дека публикациите се од „Здружението за прифатлива и квалитетна храна“ и Бугарското национално радио.
Тие наведуваат дека по увид на здружението „секое петто овчо сирења се прави само од овчо млеко, останатите се смеса“ – овчо со кравјо млеко.
Агенцијата за храна (БАФСА), која по сигнал земала примероци од случајно избраните серии од двете претпријатија, ги испратила во хрватска лабораторија. Таму е потврдено присуство на кравјо млеко во овчо сирење, при што во едно од овчо сирења е пронајдено 63% кравјо млеко, со можно отстапување од 7,55%, а во сирењето од втората компанија 7% кравјо млеко.
Проблематичните серии сирење се повлечени од пазарот. Двете компании ги оспоруваат тврдењата на бугарската управа за безбедност на храната за присуство на кравјо млеко во овчо сирење.
Во својата одлука, КЗК прифати дека прекршувањата од двете млекарници биле краткотрајни и помали, но „со оглед на карактеристиките на производите, негативните последици може да доведат до значително негативно влијание врз конкуренцијата“.
Поради тоа, комисијата изрекува глоби кои се 0,3 односно 0,1% од прометот на фирмите.
Подготвено од М.Д.