
16.04.2025 Скопје
Девет месеци по одржувањето на регионалните избори, белгискиот главен град Брисел сè уште нема формирано влада, што, според локалните медиуми, доведува до сериозни финансиски и безбедносни проблеми.
Градот, кој е седиште на европските институции, се соочува со раст на насилството, институционална парализа и финансиски дефицит од околу четири милиони евра дневно.
Според белгиски весник, јавниот долг на регионот Брисел надминува 14 милијарди евра, а се очекува да порасне за уште 1,6 милијарди во текот на 2025 година. Замрзнати се субвенциите за добротворни и културни организации, а под прашање е и финансирањето на полицијата, социјалните служби и општинските власти.
Градот, кој со години се гордее со своите туристички атракции, сега се соочува и со пораст на криминалот. Во првите шест недели од годинава се регистрирани 11 вооружени инциденти, при што загинале две лица, а четири се повредени, што се оценува како алармантно за Брисел.
Белгискиот политички систем, кој се состои од три региони – Брисел, Фландрија и Валонија – и низа нивоа на власт, често се соочува со институционални блокади. Регионот на главниот град моментно е без влада, а партиските преговори се во ќорсокак.
Центристичкиот пратеник Кристоф Де Беукелар предупредува дека финансиската состојба го загрозува функционирањето на градот и повика на итно формирање на влада. Тој ги обвини политичарите за „незрело однесување“ и популизам. Неговата партија „Лес Ангаже“ предложи намалување на платите на политичарите за 30 отсто додека не се формира влада, односно за 40 отсто доколку кризата продолжи по јуни.
Министерот за буџет Свен Гац, кој е во технички мандат, предупреди дека кредитниот рејтинг на регионот би можел да биде намален до лето, што би го поскапело идното задолжување. Политикологот Дејв Синардет додава дека долговите на Брисел веќе претставуваат товар за целата држава и оти растечкиот дефицит ќе влијае на економските проекции.
Опцијата за малцинска влада се разгледува, но останува неизвесна поради политичките тензии меѓу фламанските и франкофонските партии, кои имаат длабоки идеолошки разлики и одбиваат меѓусебна соработка.
Подготвено од М.Д.