
01.04.2025 Скопје
Коосновачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс во телевизиско гостување наметна енигматско прашање за иднината на работните места и работното време. Тој гостуваше во „The Tonight Show with Jimmy Fallon“, каде кажа дека верува оти вештачката интелигенција може да ги реши глобалните предизвици во медицината и образованието.
Додека гостуваше во The Tonight Show Starring Jimmy Fallon, Гејтс постави хипотетичко прашање: “Како ќе изгледаат работните места во иднина? Дали треба да работиме само два или три дена во неделата?”
За Гејтс, технолошките промени би можеле да бидат револуционерни. Тој смета дека вештачката интелигенција има потенцијал да реши многу глобални предизвици, како што е недостигот од медицински персонал и професионалци за ментално здравје. Тоа неизбежно ќе го преобликува пазарот на труд и ќе го промени начинот на кој ја перципираме интелигенцијата. Сепак, продуктивноста што ја предизвикува технологијата во некои случаи всушност ги продолжи работните денови на вработените.
„Влегуваме во ера во која интелигенцијата е ретка“, рече Бил Гејтс, нагласувајќи ја вредноста на врвните лекари и наставници. „Со помош на вештачката интелигенција, во следната деценија таа ќе стане бесплатна и достапна за секого“, додаде тој.
Коосновачот на Мајкрософт, кој денес е познат и по своите филантропски активности преку Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, со години ја поддржува улогата на технологијата во решавањето на глобалните проблеми, особено во областа на здравството, образованието и климата.
Додека ја промовираше својата нова книга Изворниот код, Гејтс го истакна потенцијалот на вештачката интелигенција во борбата против болести како Алцхајмерова болест, маларија и ХИВ. Тој исто така зборуваше за неговата работа за искоренување на детската парализа, вирусна болест која ги погодува децата на возраст под пет години.
„Со секоја среќа, во следните три до четири години, детската парализа целосно ќе биде искоренета“, рече тој.
Гејтс изрази оптимизам и за климатските промени, нагласувајќи дека иновациите ќе доведат до поодржливи и подостапни решенија, особено во областа на зелената технологија. „Треба да направиме евтини, еколошки производи“, рече тој. Иако иднината изгледа посветла отколку што многумина мислат, вештачката интелигенција ќе игра клучна улога – но, како што предупредува Гејтс, овој развој нема да биде линеарен.
„Луѓето треба да бидат подготвени да платат повеќе за еколошки производи, но на глобално ниво, веројатно нема да платат“, заклучи тој.
Подготвено од М.Д.