
01.04.2025 Скопје
Иако Народна банка веќе не ја затега монетарната политика, туку наприотив, постоеја и неколку чекори на олабавување, банкарските камати паѓаат исклучително бавно.
Најновите бројки за февруари презентирани од монетарната власт во земјава, говорат дека на крајот на вториот месец од оваа година, каматните стапки на вкупните кредити одобрени на сите типови на клиенти, биле над границата од пет проценти. Иако, треба да се има предвид дека станбените кредити имаат многу пониски каматни стапки, а банките даваат и подолг период на отплата со фиксна каматна стапка за овој тип на кредитирање, додека, пак, поскапи се потрошувачките кредити, и највисоки од сите се каматите на дозволените минуси, како и оние на кредитните картички.
Она што може да се види од последната табела на НБМ, е дека вкупните кредити имале каматна стапка од 5,18 отсто, што е за само 0,03 процентни поени помалку од еден месец претходно. Во однос на една година претходно, пак, каматата на вкупните кредити е намалена за 0,34 процентни поени.
Кога станува збор за вкупните кредити, она што е факт, е дека компаниите сепак добиваат поевтини заеми наспроти граѓаните.
Па така, корпоративниот сектор во февруари добивал кредити со просечна каматна стапка од 4,82 отсто, што е благо намалување во однос на претходниот месец. Во споредба со една година порано, односно со февруари минатата година, намалувањето на каматата и не е така лошо и изнесува 0,58 процентни поени.
Граѓаните се уште плаќаат прилично скапо за банкарските кредити. На крајот на февруари каматната стапка изнесувала 5,53 отсто, наспроти 5,55 проценти во однос на јануари. Но, и една година претходно за домаќинствата таа каматна стапка изнесувала 5,64 отсто, што е за една година намалување за само 0,11 проценти.
Паѓањето на каматните стапки е поизразена кај новоодобрените кредити, кои, се пак, оние банкарски заеми што се одобрени во последната година. Кај нив просекот е 4,63 отсто, наспроти 4,7 отсто во јануари годинава. Во февруари лани, пак, каматата изнесувала 5,35 отсто, што значи дека кај новоодобрените кредити намалувањето е за 0,72 процентни поени.
Во поглед на новоодобрените кредити каматната стапка е многу поизедначена меѓу домаќинствата и корпоративниот сектор.
Па така, за фирмите банкарските камати за кредитирање изнесувале 4,45 отсто, што е намалување за 0,2 процентни поени за еден месец, додека во однос на една година претходно намалувањето е за солидни 0,8 процентни поени.
Граѓаните, пак, кои зеле кредити во последната година, тоа било за просечна каматна стапка од 4,81 отсто, што е дури и благо зголемување во однос на јануари, додека, пак, во однос на една година претходно намалувањето изнесува 0,64 процентни поени.
Кога станува збор за каматните стапки на депозитите, пак, кај нив се забележува дека вкупните депозити имаат пониски просечни камати, кои изнесуваат 2,19 отсто, наспроти оние на новопримените депозити, чија стапка изнесува 2,41 процент, и тоа се депозитите кои се примени во последната година.
Банките и во овој случај се „погалантни“ кон компаниите, наспроти кон граѓаните.
Па така, кај вкупните депозити кај фирмите во февруари каматните стапки изнесувале 2,71 отсто, наспроти 2,12 проценти кај домаќинствата. И кај двете категории има зголемување и во однос на еден месец претходно, и во однос на од пред една година, каде растот е за 0,63 поени и за 0,39 процентни поени соодветно, што значи дека повеќе пораснале каматите што им се даваат на фирмите за чување на нивните пари, додека, пак, помалку пораснале каматите што им се исплатуваат на граѓаните за нивните штедни влогови.
И конечно, кај новопримените депозити, просечната камата е 2,41 отсто, што е веќе намалување во однос на еден месец претходно, а и благо зголемување во однос на февруари лани, само за 0,1 процентен поен.
Кај корпоративниот сектор каматите биле 2,49 отсто, што е за 0,5 поени помалку од претходниот месец, додека, пак, кај новопримените заштеди на домаќинствата каматните стапки на крајот на февруари биле 2,38 отсто, што е благ пад во однос на еден месец претходно, и што е речиси на идентично ниво во однос на една година претходно.
И покрај тоа што не се многу атрактивни каматите на штедните влогови во нашите банки, граѓаните таму чуваат убедливо најголем дел од своите слободни пари, во однос на сите други форми на лични инвестиции.
За жал, во овие табели не може да се најде колку изнесуваат поединечните каматни стапки на одделните видови на кредити, како што се станбените, потрошувачките, автомобилските, како и оние на минусите и на кредитните картички, туку би требало да се бараат на алатката на НБМ, НБ Стат.
Подготвено од М.Д.