
29.04.2025 Скопје
По поразот на Реал Мадрид од Барселона во финалето на Кралскиот куп, се потврди она што претходно се шпекулираше – Карло Анчелоти го напушта Реал Мадрид и ја презема бразилската репрезентација.
Информацијата ја објави истакнатиот италијански новинар Фабрицио Романо, кој објави на платформата X дека Анчелоти и Бразилската фудбалска конфедерација постигнале договор Италијанецот да стане селектор на „Селесао“ за Светското првенство во 2026 година.
Договорот стапува на сила во јуни, што значи дека Анчелоти нема да го предводи Реал на Светското клупско првенство. Романо исто така наведува дека разделбата со Реал ќе биде пријателска.
Според сите очекувања, Италијанецот ќе ја заврши работата до крајот на првенството. Имено, шпанската „Марка“ исто така го потврди договорот на Анчелоти со Бразил, напоменувајќи дека тој ќе ја преземе репрезентацијата дури откако ќе му истече договорот со Реал, односно по завршувањето на Ла Лига.
Анчелоти, најтрофејниот тренер во историјата на Реал Мадрид, во својата кариера раководел со бројни големи европски клубови, а во Бразил ќе има само една цел – да ѝ ја донесе на „Селесао“ шестата титула светски шампион.
„Со своето искуство, смиреност и успешни резултати, Анчелоти ќе се соочи со еден од најголемите предизвици во неговата кариера во она што веројатно ќе биде неговиот последен голем проект на клупата“.
Подготвено од М.Д.