
27.03.2025 Скопје
Оваа година ќе се изработи проект за комплетна реконструкција на објектот на МАНУ кој е изграден во 1976 година, рече вчера, првиот човек на МАНУ, академик Живко Попов во експозето на Редовното годишно собрание осврнувајќи се на работата во изминатата година – прва во неговиот мандат.
Зградата на МАНУ важи за бисер на модерната архитектура во поширокиот регион на Балканот, а архитектот на зградата, професорот Борис Чипан во изведба продолжил со „Македонија проект“ откако во 1976 година ја добил првата награда на југословенскиот конкурс за МАНУ. За овој проект, пионерот во современата македонска архитектура ги добил Борбината награда, „11 Октомври“ и „7. Ноември“ на Градот Охрид, за животно дело.
За објектот на МАНУ, единствениот и оригинален Чипан има речено:„Залудно е да се бараат аналогии по содржина. Академијата е монумент на современата и идната македонска наука и уметност. Помислувам на тврдина и ми се чини премногу студено, шареноликата декорација на византиската црква би била демагогија. Ги отфрлам сите конкретизирани аналогии и се препушатам на нагонот кој во себе има веќе наталожено многу средби со историската архитектура. И, кога делото е завршено, откривам дека во манастирските конаци на Св. Јован Бигорски, стариот македонски мајстор создал имресивна монументалност во костен-дрво. Согледувам, чардак ни на небо ни на земја, од народните сказни“.
Архитектот, конзерватор, професор, публицист Борис Чипан е роден во 1918 година во Охрид, а почина во 2012 година. Од 2014 година, Комората на архитекти на РС Македонија ја востанови годишната наградата „Борис Чипан“ .
Подготвено од М.Д.