EU-Zapaden-Balkan-750x430

26.03.2025 Скопје

Европа отсекогаш гледала на земјите од Западен Балкан како алтернатива за надминување на проблемите со кои таа се соочува, а дека е така најдобра потврда беше мигрантската криза кога првиот европски браник од мигрантските бранови беше јужната македонска граница, по чија должина беа распоредени европски полициски сили.

Ништо поразлично однесување од Европа кон земјите од Балканот нема ниту кога станува збор за третманот на отпадот, па добар дел од европските земји сакаат да го решат овој проблем така што сопственото ѓубре ќе го депортираат на Балканот за да може тука да се согорува и дополнително да се контаминира и онака критично загадениот воздух. Во РС Македонија и во земјите од соседството заврши и европскиот автомобилски отпад, а прашање е уште колку други работи за кои воопшто не се знае завршиле на овие простори во изминатите години.
И додека од една страна Европа ги користи земјите од регионот за реализација на сопствените интереси, од друга страна не прави ништо за да го забрза нивниот пат за полноправно членство во Европската Унија, туку и натаму ги држи во чекалницата на неодредено време бидејќи очигледно на тој начин ѝ се пополезни.

Според извори од британската влада, објави за испраќање мигранти во балканските земји, РС Македонија, Албанија, Србија и БиХ.

Најсвеж пример дека е така се и плановите на Велика Британија да ги пренасочува мигрантите на кои нема да им даде азил кон балканските земји. Имено, Обединетото Кралство веќе ја разгледува можноста да испрати мигранти на кои им е одбиен азил во балканските земји, РС Македонија, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина.

Според плановите на кои се работи, оние на кои им е одбиен азил може да бидат испратени во миграциските центри во Западен Балкан и во други трети земји.

Уште се наведува дека Лондон планира да разговара за тоа со претставници на РС Македонија, Албанија, Србија и на Босна и Херцеговина, а британскиот премиер Кир Стармер е заинтересиран за соработка и со други европски земји, кои планираат да отворат миграциски центри во трети земји. Како стимул за земјите што ќе ги примат мигрантите од Обединетото Кралство, Лондон има намера да им плати за секој поединечен мигрант.

Да не се подлегне на нови притисоци и уцени

Она на што македонските граѓани бараат јасен одговор е прашањето до кога РС Македонија и другите земји ќе бидат „буништето“ на Европа, на кое секој ќе може да ги остава сопствените проблеми, но кога ќе треба да понуди нешто за возврат, тогаш се повикува на принципиелност и европски вредности.

Обединетото Кралство излезе од ЕУ токму поради лажното заплашување на сопствените граѓани дека нивното општество ќе биде преплавено од мигранти и дека Британците ќе останат без работни места. Од друга страна, дел од вината за мигрантски бранови има токму Британија, која воено интервенираше во некои земји и го мотивираше егзодусот на населението во тие земји, што потоа чукна на вратите на Европа. РС Македонија прва се најде на удар бидејќи Грција ги пропушташе мигрантите кон нашата граница, па на нашата граница мораше да доаѓаат европски полициски сили за да спречуваат понатамошен пробив на мигрантските бранови. За возврат земјава не доби ништо, туку уште една блокада на евроинтеграциите. Е, потпишала договор со Фронтекс на македонски јазик! Тоа беше нашето најголемо достигнување што ја чувавме Европа од мигрантите. Затоа е важно овој пат земјава да се води од сопствените интереси и да не потпаѓа под ничии притисоци. Обединетото Кралство нека си го решава само проблемот со мигрантите, ние имаме доволно и наши домашни проблеми за решавање – коментираат дел од аналитичарите.

Подготвено од М.Д.

About Author