glecher

21.03.2025 Скопје

Драматичното намалување на глечерите ќе има значително влијание врз животот на Земјата, изјавија денеска експерти од Светската метеоролошка организација (СМО) додавајќи дека по закана се виталните резерви на свежа вода, од која зависат милиони луѓе за пиење, земјоделство и индустрија.

Предупредувањето доаѓа на денешниот Светски ден на глечерите кој се одбележува првпат.

За 48 години од 1976 година, глечерите ширум светот изгубиле речиси 9.200 гигатони мраз, според Светската служба за следење на глечерите (WGMS) на Универзитетот во Цирих. Еден гигатон е милијарда тони.

Оваа загуба е еквивалентна на блок мраз дебел 25 метри со големина на Германија, рече директорот на WGMS, Мајкл Земп.

СМО исто така соопшти дека топењето на глечерите го подигнало нивото на морето за 18 милиметри од 2000 година.

Земп рече дека за секој милиметар покачување на нивото на морето, дополнителни 200.000 до 300.000 луѓе се соочуваат со зголемен ризик од поплави.

Глечерите, заедно со ледените плочи на Антарктикот и Гренланд, држат 70 проценти од светските ресурси на свежа вода, според СМО.

Зачувувањето на глечерите не е само еколошка, економска и општествена потреба. Тоа е прашање на опстанок, рече генералниот секретар на СМО, Селест Сауло.

Додека намалувањето на глечерите некогаш беше ограничено на одредени региони, СМО забележа дека сите 19 глечерски региони ширум светот доживеале загуба на мраз во последните три години.

Глечерите се намалиле во овој период повеќе отколку во кој било друг тригодишен период од почетокот на евиденцијата во 1970-тите.

Подготвено од М.Д.

About Author