
12.03.2025 Скопје
Туристите во земјите на ЕУ во 2024 година оствариле нешто повеќе од три милијарди ноќевања, што е за 2,2 проценти или 65,4 милиони повеќе во споредба со 2023 година, при што најголем придонес имале меѓународните туристи и зголемувањето во последниот квартал, според податоците на Евростат. Според овие податоци, Хрватска е на 9-то место меѓу членките со повеќе од 108 милиони ноќевања.
Од Евростат коментираат дека 2024 година била рекордна, односно „најдобра туристичка година за ЕУ“ во однос на бројот на ноќевања во туристичките сместувачки капацитети. Ова се должи на зголемувањето на ноќевањата на меѓународните туристи за речиси 5 проценти, додека ноќевањата на домашните туристи бележат благ пад од 0,1 процент.
Речиси 62 проценти од ноќевањата се остварени во четири земји, кои се меѓу водечките туристички дестинации во светот – Шпанија, која е на прво место со 500 милиони ноќевања, Италија со 458 милиони, Франција со 451 милион и Германија со 441 милион ноќевања.
Најмалку ноќевања во туристичките објекти минатата година имало во Луксембург – 3,4 милиони, потоа во Латвија – 4,7 милиони и во Естонија – 6,6 милиони.
Според овие податоци, Хрватска е на деветтото место, додека пред неа со сличен број ноќевања е Полска, а зад неа Португалија.
Ако се споредат ноќевањата остварени во 2024 година со оние од 2023 година поединечно по земји, најголем пораст забележала Малта – 14,4 проценти, а потоа Латвија со 7,4 проценти. Намалување на ноќевањата имало само во Луксембург – за 2,7 проценти, Франција – за 0,6 проценти, Белгија – за 0,2 проценти и Шведска – за 0,1 процент.
Силните резултати за целата 2024 година значително беа поттикнати од последниот, четврти квартал, во кој речиси сите земји од ЕУ забележаа пораст на ноќевањата во споредба со истиот период во 2023 година, односно вкупниот број ноќевања во сите членки се зголеми за 5,1 процент.
Само во Ирска во четвртиот квартал од 2024 година бројот на ноќевања опадна за околу 2 проценти во споредба со 2023 година, додека Хрватска е меѓу четирите земји со најголем квартален раст.
Таа е на четврто место со зголемување на ноќевањата од 10,2 проценти, додека Малта е на прво место со пораст од 16,5 проценти, по што следат Латвија со 12,5 проценти и Италија со 11,1 процент повеќе ноќевања во четвртиот квартал од 2024 година во споредба со истиот период во 2023 година.
Вкупно, во четвртиот квартал од 2024 година во ЕУ се остварени повеќе од половина милијарда туристички ноќевања, што е за 5,1 процент или 25,4 милиони повеќе од 2023 година.
По месеци, најмногу ноќевања биле остварени во октомври – 227 милиони, во декември – 150 милиони, а во ноември – 145 милиони.
Подготвено од М.Д.