rabota-696x362.jpg

08.03.2025 Скопје

Невработеноста во РС Македонија продолжува да се намалува. Државниот завод за статистика објави дека во четвртиот квартал лани во однос на третото тромесечие во 2024 година податоците велат дека од 12, 3% невработеноста е сведена на 11, 9. Во земјава има речиси 95 илјади невработени граѓани кои влегуваат во категоријата на работоспособно население. Најмногу вработени има во преработувачката индустрија.

Невработеноста во РС Македонија изнесува 11,9 отсто. Овој тренд на намалување на невработеноиста е веќе континуиран со месеци.

Податоците кои ги објавија државните статистичари покажуваат дека во стопанството најмногу вработени има во преработувачкиот сектор и тоа 141 илјади вработени, потоа следува трговијата на големо и мало со 103 илјади вработени, земјоделство шумарство и водостопанство 62 илјади, јавната управа и одбраната речиси 50 илјади, здравствената и социјалната заштита 48 илјади лица, образовниот сектор 45 илјади, градежништвото 43 илјади лица. Во останатите сектори бројот на вработени изнесува нешто над 20 илјади лица па надоле.

„Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2024 година, активното население во Република Северна Македонија изнесува 795 321 лице, од кои вработени се 700 526, а 94 795 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 52.5, стапката на вработеност 46.2, додека стапката на невработеност изнесува 11.9“, се наведува во извештајот на ДЗС.

Податоците од извештајот велат дека од 1,5 милиони граѓани кои се во категоријата работоспособно население, активни на возраст од 15 до 89 години се речиси 800 илјади лица. Од нив во работен однос се 700 илјади граѓани. Невработени се точно 94 795 лица.

Податоците на државната статистика велат дека има 719 илјади неактивни граѓани, односно лица кои не се пријавуваат во Агенцијата за вработување или не бараат ново вработување.

И сето ова се случива во време кога потребата по работен кадар е клучниот проблем на глобалната економија. Во земјава во моментов недостасуваат 10 илјади работници, кои доколку побараат денеска работа утре ќе бидат во редовен работен однос. Работодавачите велат дека повеќе не се штеди на дообука и преквалификација на работната сила, бидејќи таа е дефицитарна во сите сектори.

Подготвено од М.Д.

About Author