kocani-diskoteka-pozar-730x470

17.03.2025 Скопје

Во пожар во дискотека во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.

Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.

За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителство поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата повика на заедништво и сплотеност и најави чекори на кои јавноста не е навикната, за почеток на едно големо ресетирање на системот, како и дека од денеска почнува робусна акција на проверка на сите документи во угостителските објекти.

Прашан дали ќе поднесе оставка, рече дека сѐ додека не ги порази сите овој корумпиран систем, нема да поднесува оставка, а за кредибилитетот на еден политичар ќе се види на избори.

Мицкоски соопшти дека сега за сега не се планира воведување вонредна состојба во државата и не планираат да вклучат меѓународни експерти во делот на истрагата за трагичната несреќа во Кочани.

Тој информира дека досега добиваме меѓународна помош во делот на згрижување на дел од повредените. Околу 47 се пренесени во Бугарија, Грција, Србија, Турција. Дел од овие држави испратија порака дека ги прошируваат сместувачките капацитети и подготвени се да примаат. Се понудија и Хрватска, Австрија и Холандија.

Јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, и обвинителите од тимот што постапуваат на случајот, вчера информираше дека се сослушани над 20 лица, меѓу кои и еден од организаторите на настанот, а потврди дека на информативен разговор е повикан и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.

Според Коцевски, се работи за навистина сложен предмет и има многу работи што треба да се испитуваат, посочувајќи дека досега се преземени низа активности – наредби за обдукција на жртвите, наредби за преземање мерки до МВР и БЈБ за апсење на секое лице кое со своето постапување или не постапување придонело за настанот и да се испита неговата улога, наредба за анализа на одземени предмети, предлог за издавање наредба за одземање видео снимки од безбедносни камери, предлог за издавање наредба за привремено одземање документација на правниот субјект, барање за претрес во дом и други простори и барање за меѓу институционална соработка до ОЈО ГОКК.

Лицата постапувале спротивно на прописите и техничките правила на мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и делото на луѓето од големи размери, изјави Коцевски.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, информираше дека дел од осомничените за предизвикување на овој кривично правен настан се починати, дел се во болница. Четири лица моментално се обезбедни во болница – два члена на бендот, син на сопственик на дискотека и управител на правното лице кое што ја менаџирало дискотеката.

Дел од приведените лица кои што моментално се во полициска станица се луѓе кои имаат директна вина со овој настан, согласно досега собраните докази. Приведено е едно лице, кое што е организатор на настанот и за кое што имаме сомнение дека e еден од оние кои што имаат директна вина. Исто така, приведени се поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен раководител на еден сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени во рамки на дирекцијата, изјави Тошковски.

Легална лиценца за работа фирмата немала и во овој дел од истрагата Тошковски рече дека не може да открие повеќе детали, но посочи дека, како и многу други работи од минатото е поврзана со мито и корупција.

Во овој случај имаат име и презиме тие кои што се вклучени во нелегалното издавање на лиценци и ќе одговараат за тоа, рече Тошковски.

Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, вчера на прес-конференција од седиштето на партијата побара одговорност од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, но и темелна и независна истрага за трагедијата во Кочани. Таа испрати апел до Обвинителството и сите истражни органи оваа трагедија да ја истражат до крај и одговорните да одговараат.

Според Чупеска, стравична е леснотијата со која министерот ја отфрли одговорноста од себе и од Министерството за внатрешни работи, со кое како што посочи, тој раководи повеќе од една година. Тошковски, подвлече Чупеска,  политизира и обвинува други, кога тој е министер веќе цела година, а Владата ги има сите институции на располагање девет месеци.

Според директорпт на Фондпт за здравствено осигурување на РС Македонија, Сашо Клековски згрижени се над 140 настрадани, од кои 90 повредени се во земјава,а 44 се прифатени во странство.

Во земјава се 90 повредени и тоа Клинички центар 20, ГОБ 8 септември 20, Св. Наум Охридски 21, КБ Штип 20, ОБ Кочани 7, Токсикологија 2. Има пациенти и во Аџибадем Систина и Жан Митрев. Во странство се прифатени 44 повредени и тоа Србија 17, Бугарија 14, Турција 9 и Грција 4. Бројките се менуваат поради пренесување на повредените во други болници. Пристигнатите во странство се стабилни. Ноќеска и рано наутро ќе заминат 8 повредени, за Хрватска 4 и за Романија 4. Има можности за Словенија и Унгарија по 4 лица и Австрија 6 лица, напиша Клековски на фејсбук.

Во Клинички центар функционира Кризен штаб на Министерството за здравство, во координација со МВР и МНР. Состојбата на сите пациенти се набљудува и конзилијарно се одлучува за понатамошните постапка.

За сите информации поврзани со состојбата на пациентите кои се наоѓаат во странство, како контакт лице е именуван проф. д-р Игор Николов, кој е достапен на телефонскиот број: +389 72 270 648.

Во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, од денеска е седумдневна жалост на територија на цела држава. Националното знаме на земјава денеска ќе се вее на половина копје.

Подготвено од М.Д.

About Author