
12.03.2025 Скопје
САД објавија дека моментално ќе продолжат да ѝ даваат безбедносна и разузнавачка помош на Украина откако таа изразила подготвеност да ги прифати американските барања за примирје со Русија, објави Стејт департментот по завршувањето на разговорите во Саудиска Арабија.
Во заедничкото соопштение на двете делегации, Украина кажа дека е спремна да го прифати американскиот предлог за спроведување на привремен, 30-дневен прекин на огнот, кое би можело да се продолжува со заемен договор на двете страни. Останува предлогот да биде прифатен од Русија.
„Америка даде понуда, што Украина ја прифати, да се прогласи примирје и да се почне со преговори за крај на војната на начин што би бил траен и одржлив. Главната цел на овој предлог е да запре пукањето“, изјави државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Покрај него, во американскиот тим беа и советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот претставник за Блиски Исток, Стив Виткоф, додека Украина ја застапуваа шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак и министрите за одбрана и надворешни работи.
„Ќе ја однесеме оваа понуда кај Русите и се надевам дека ќе кажат ‘да‘. Топката е во нивниот двор“, рече Рубио, додавајќи дека договорот за минерали не беше тема на повеќечасовните разговори во Џеда.
Најавено е дека Виткоф ќе патува во руската престолнина Москва оваа недела, при што можеби ќе се сретне и со Владимир Путин.
Украина утрово изврши голем напад со дронови врз Русија. Загинаа неколку лица.
Украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко изјави дека нападите врз Москва ја потврдуваат способноста на Украина да изврши сериозни акции на руско тло. Руската инвазија на Украина почне пред повеќе од три години.
Подготвено од М.Д.