
04.03.2025 Скопје
Нуркањето бара дисциплина, подготвеност, голема инвестиција во обуки, опрема, тренинзи и постојани усовршувања и надградувања. Тоа е специфичен спорт, кој бара откажување од многу задоволства и е начин на живот кај љубителите на подводните авантури. Овој уникатен спорт е одлична можност за промоција на државата и привлекување туристи, кој треба да е дел од севкупната туристичка понуда.
Уникатните нуркачки доживувања, Клубот за подводни дејности Охрид, 40 години ги споделува со своите членови, но и со сите добронамерници кои пројавуваат желба да уживаат во длабочините на езерото и да ја запознаат богатата флора и фауна во бистрите води на Охридското Езеро. Цели 40 години се грижат за езерото што покажуваат многубројните еколошки акции кои резултираат со огромни количини цврст отпад извадени од езерското дно, што се последица на човечката несовесност.
Охридското Езеро со својата убавина и карактеристичен подводен свет е своевидна атракција за привлекување туристи. Најинтересен за нуркање е делот од Градиште до Љубаништа, каде подводната убавина посебно плени. Нема многу капачи и сообраќај, има риби, алги, полжави, сунѓери, има што да се види во езерото. Но и покрај својата посебност, недоволно е застапено во туристичката понуда за Охрид и за РС Македонија.
Нуркањето, според Емил Јовановиќ од Клубот за подводни дејности Охрид, е еден од битните фактори за развој на туризам. Смета дека полека, но сигурно го зазема своето место и туристите имаат можност да видат што се нуди Охридското Езеро и да уживаат во неговата уникатност.
Во сите големи туристички центри нуркањето зазема едно од првите места во понудата на хотелите и туристичките водичи. Охридското Езеро е уникатно и единствено. Ова што го имаме ние го нема никаде во светот, ендемични риби, сунѓери, полжави…, кои неможе да се видат на друго место во светот, вели Јовановиќ.
Смета дека е потребна поголема промоција на езерото и она што е во езерото, иако во овие 20-тина години било постигнато многу. Во понудите за Охрид постојано се вртат слики од Охридското Езеро и неговото дно.
Нуркањето станува се подостапно за туристите во Охрид. Доволно е да имаат мало познавање и ќе можат да ги видат подводните убавини на Охридското Езеро. За сертифицираните нуркачи уживањето може да биде поголемо и да нуркаат подлабоко. Најинтересен за нуркање е делот од Градиште до Љубаништа. Нема многу капачи и сообраќај, теренот е карпест, има риби, алги, полжави, сунѓери. Има навистина што да се види на езерското дно, тврди Јовановиќ.
РС Македонија е атрактивна дестинација за нуркачите од светот, забележува Слободанка Јакимовска од Спелео нуркачкиот клуб „Врело“. Пештерата Врело, која е една од најдлабоките во Европа, нагласува, ја посетуваат нуркачи од Русија, Полска, Чешка, Шпанија, Мексико…
Дефинитивно го имаме Охрид, бисерот на РС Македонија. Ја има и пештерата Врело, но Охрид си има свои убавини дури и почетници во нуркањето можат да ги видат убавините на езерото под вода, што поинаку се доживува, вели Јакимовска.
И претседателот на Клубот за подводни дејности Охрид, Горан Балевски, нагласува дека државата има огромен туристички потенцијал со нуркањето.
Огромен е туристичкиот потенцијал на нуркањето. Само 30 до 40 отсто ни е искористен нуркачкиот туристички потенцијал. Државата и градот треба да учествуваат во промоцијата и афирмацијата. Ние сме спремни да носиме туристи и други нуркачи во секое време, вели Балевски.
Убавините што ги создала природата и она што го нуди Охридското Езеро честопати се засенуваат со несовесноста на граѓаните. Тоа го покажуваат честите подводни еко акции за чистење на езерското дно во кои се вадат тони цврст отпад, пластики, стакло, па дури и покуќнина, шпорети, болјери, автомобилски гуми…
Состојбата секоја година е се поалармантна. Се повеќе и повеќе отпад има. Се трудиме колку што можеме, но свеста кај луѓето не се менува, забележува Јовановиќ.
Покрај грижата за дното на Охридското Езеро, членовите на Клубот за подводни дејности Охрид, биле дел и од подводни акции низ цела држава за деминирање, вадење давеници, обуки, но и надвор од државата.
Прв таргет ни се еколошките акции. Езерото е премногу загадено. Посебно не разочарува на местата кај што сметаме дека е најчисто, е доста загадено. Тоа е потегот од Пештани до Свети Наум, кај најубавите плажи. Тој потег последниве години и најмногу го чистиме. Клубот е препознатлив по еколошките акции, покрај во Охридското Езеро реализираме и во другите езера низ РС Македонија, Дојранско, Преспанско, Мавровско Езеро, вели Балевски.
Еколошки акции се реализираат и покрај кањонот Матка, каде фреквенцијата од посетители е голема, а еколошката свест ниска.
Подготвено од М.Д.