
08.03.2025 Скопје
Поминаа пет години откако беа потврдени првите случаи на САРС-КоВ-2, болест што кај народот стана позната како ковид или корона. Оттогаш, коронавирусот е дијагностициран кај милиони луѓе. Некои од нив го прележаа неколкупати, а тој е виновен и за многу изгубени животи.
Ковидот остави многумина со трајни здравствени проблеми, вели доктор Арсен Ристиќ, кардиолог од Универзитетскиот клинички центар на Србија
Овој доктор, кој ќе биде еден од домаќините на конгресот за срцева слабост, што во мај, во Белград, го организира Европското здружение за кардиологија, потенцира дека коронавирусот влијаел и на зголемување или влошување на проблемите со срцето и додава дека кардиоваскуларните заболувања се најраспространета болест во регионот.
Сега е време на респираторни и вирусни инфекции кои можат да го нападнат срцевиот мускул. Повеќе од 20 различни вируси можат да предизвикаат инфекција на срцевиот мускул, која обично поминува сама по себе, исто како и респираторната инфекција, без поголеми последици. Исклучително е важно навреме да се препознае кога грипот го зафатил срцето и кога е време да се даде соодветна терапија, која ќе ја превенира појавата на опасни аритмии и ќе ја компензира срцевата слабост. Треба да се води сметка, зашто за време на ковидот речиси 50 проценти од луѓето имале тешки клинички симптоми и воспаление на срцевиот мускул, истакна докторот.
Тој вели дека кардиоваскуларниот систем најдобро функционира кога има доволно време организмот да се приспособи на условите на надворешната средина, а при тоа навикнување се јавуваат проблеми поради нарушена регулација на крвниот притисок, спазам на крвните садови во срцето, кај неподготвените и луѓето без кондиција. Тој напор бара внимателност при високи или ниски температури.
Професорот посочува дека сè уште има пациенти кои имаат миокардитис предизвикан од коронавирус, иако клиничката слика е послаба.
Ковидот нè подготви да бидеме претпазливи кога станува збор за вируси. Сите меѓународни прописи препорачуваат вакцинација на чувствителни пациенти против сезонски вирусни инфекции, бидејќи го намалува ризикот од опасни по живот состојби, објаснува доктор Ристиќ.
Појаснува дека дијагнозата и терапијата за кардиоваскуларни болести драстично напредувале во последните години и предупредува дека овие заболувања се во пораст кај младите. Главните фактори на ризик се шеќерот, маснотиите, пушачката популација, а тоа е во рацете на пациентите. Има превентивни решенија кои се лесно достапни и применливи. Најчестите симптоми се зголемен замор, недостаток на воздух, отекување на нозете. На пациентите им пречи да лежат на рамно, а физичкиот напор со кој претходно лесно се справувале, веќе не можат да го издржат. Не можат да се качуваат по скали, не можат да одат по нагорнина.
Причина за срцевата слабост е масовна болест на човештвото. Тоа е коронарната болест, атеросклероза на крвните садови и тоа е нешто што не е толку тешко да се препознае. Болка во градите, аритмии, зголемен замор, гушење – тоа е црвената светилка во главата, затоа веднаш треба да се јавите кај најблискиот лекар, истакнува доктор Ристиќ.
Подготвено од М.Д.