VOENI ZALIHI HRANA I VODA

28.03.2025 Скопје

Европејците треба да складираат храна, вода и други основни потреби три дена во случај на криза, порачаа од Европската унија. Сајбер нападите, климатските промени и болестите ги зголемуваат шансите за вонредни ситуации, а 450-те милиони луѓе кои живеат во блокот од 27 земји мора да бидат подготвени, изјави европската комесарка за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб.

Презентирајќи ја новата стратегија за справување со идните катастрофи, Лахбиб рече дека заканите со кои се соочуваат Европејците во моментов се „покомплексни од кога било и сите меѓусебно поврзани“. Таа рече дека е важно да се „обезбеди луѓето да имаат основни резерви најмалку 72 часа“ во случај на криза.

Храна, вода, батерии, лични документи, лекови и радија со кратки бранови се дел од работите што граѓаните треба да ги купат.

Лахбиб информира ека самата ЕУ треба да изгради „стратешка резерва“ и да складира други критични ресурси, вклучително и противпожарни авиони, медицинска, енергетска и транспортна опрема, како и специјализирани средства против хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.

„Не можеме повеќе да се потпираме на ад хок реакции“, предупредила Лахбиб.

Предупредувањето доаѓа додека ЕУ ја преиспитува својата одбрана и безбедност, особено откако администрацијата на Трамп предупреди дека Европа мора да преземе поголема одговорност. Во последниве години, Унијата ја преброди пандемијата на Ковид-19 и заканата од Русија, вклучувајќи ги и нејзините обиди да ја искористи зависноста на Европа од природен гас за да ја ослабне поддршката за Украина.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предупреди дека Русија би можела да биде способна да изврши уште еден напад во Европа до 2030 година. Франција, Финска и Шведска веќе објавија слични планови, а Шведска минатата година го ажурираше советот за цивилни итни случаи од времето на Студената војна „за подобро да ја одрази денешната реалност на безбедносната политика“.

Подготвено од М.Д.

About Author