
12.03.2025 Скопје
Ракот на дебелото црево станува се почеста дијагноза, особено кај помладите возрасни лица, и е трета најчеста форма на рак во светот.
Иако медицинските достигнувања ги подобрија опциите за третман, превенцијата е клучна. Истражувањата покажуваат дека околу половина од случаите на рак на дебелото црево може да се спречат со промена на навиките на животниот стил, а еден од најефикасните начини за намалување на ризикот е да се откажете од само една навика.
Недоволната консумација на влакна е навика која многумина од нас ја имаат дури и не сфаќајќи ја – и може да го зголеми ризикот од рак на дебелото црево.
Според едно истражување, луѓето со поголем внес на растворливи влакна имале 59 отсто помал ризик од развој на рак на дебелото црево. Нутриционистката Јохана Кац истакнува дека влакната се неопходни за здравјето на цревата бидејќи го поттикнуваат растот на корисни бактерии, го намалуваат воспалението и ја штитат цревната слузница.
„Влакната, вклучително и отпорниот скроб, делува како пребиотик, ги храни корисните цревни бактерии и го стимулира производството на масни киселини со краток синџир како бутират, кои играат клучна улога во намалување на воспалението, заштита на цревната обвивка и промовирање на здрав раст на клетките“, изјави Јохана Кац.
Влакната помагаат во одржување на здравото варење, придонесуваат за правилно функционирање на цревата и спречуваат промени кои можат да доведат до развој на рак. Според нутриционистот Аманда Годман, одредени видови влакна ферментираат во цревата, што доведува до ослободување на антиинфламаторни соединенија кои може да го намалат ризикот од рак.
Дополнително, влакната ја зголемуваат масата на столицата, што помага да се отстранат потенцијално штетните материи од дигестивниот систем. Јохана Кац забележува дека влакната ги врзуваат соединенијата како жолчните киселини и го намалуваат времето што штетните материи го поминуваат во телото, а со тоа го намалуваат ризикот од оштетување на цревните клетки.
Сепак, повеќето луѓе не јадат доволно влакна, а се препорачуваат најмалку 25 грама за жени и 38 грама за мажи. Нутриционистот Александрија Харди советува дека најдобриот начин да го зголемите внесот на влакна е да „додадете боја на вашата чинија“ – разновидните овошја и зеленчуци обезбедуваат доволен внес на влакна и други корисни хранливи материи.
Покрај зголемувањето на внесот на влакна, постојат и други мерки кои можат да помогнат да се намали ризикот од рак на дебелото црево. Редовните прегледи, како што се колоноскопијата, се клучни за рано откривање на преканцерозните полипи. Американското здружение за рак сега препорачува да се започне со скрининг на 45-годишна возраст наместо на 50-годишна возраст, поради зголемувањето на случаите кај помладите луѓе.
Исто така, диетата со помалку преработено месо може да го намали ризикот бидејќи нитрозамините и хем железото во преработените месни производи кои се поврзани со зголемена инциденца на рак на дебелото црево. Оптималните нивоа на витамин Д може исто така да играат заштитна улога, додека ферментираните производи како кефирот и јогуртот го подобруваат здравјето на цревата и го зајакнуваат имунолошкиот систем.
Подготвено од М.Д.