
25.03.2025 Скопје
Виетнамскиот град Хои Ан лани е прогласен за најевтин град во светот според истражувањето наречено World Holiday Cost Barometer, кое го направи британска фирма.
Истражувањата покажуваат дека цените во овој виетнамски град се исклучително прифатливи. На пример, половина литар пиво е околу 1,40 евра, а цената на кремата за сончање е 4,40 евра. Ноќевање во хостел се движи од пет до 10 евра, додека ноќевање во хотел со четири или пет ѕвезди се движи од 50 до 100 евра, често со вклучени спа понуди и појадок.
Градот е идеален и за возење велосипед, а велосипед може да се изнајми за едно до две евра дневно. Кратките возења нарачани преку апликацијата Grab (азискиот пандан на Uber) чинат до пет евра, а за пет евра дневно може да се изнајми и мотоцикл.
Хои Ан е познат и како град на кројачите – многу туристи го напуштаат овој град со нов костум или фустан по мерка, а цените се движат до 100 евра. Таму може да пробате и специфичен десерт – кафе со јајце, за кое велат дека е необично, но исклучително вкусно.
Тој е еден од најдобро зачуваните историски градови во Азија. Жолтите куќички со дрвени балкони, лампиони и тесни улички создаваат магична атмосфера, особено навечер. Низ историјата, Хои Ан бил важно пристаниште, па влијанијата на кинеската, јапонската и европската архитектура се видливи на секој чекор.
Овој град се издвојува со прекрасните плажи и пријатните температури кои во април достигнуваат и до 28 степени.
Хои Ан е најдобро да се посети помеѓу февруари и април, кога температурите се многу пријатни. Во текот на летните месеци, особено од мај до август, температурите се високи.
Подготвено од М.Д.