image (5)

27.03.2025 Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска организира уште еден самит на „Коалицијата на подготвени“ за мир и безбедност за Украина, по низата состаноци одржани во Париз и Лондон во последните недели со цел да се воспостават безбедносни гаранции за Киев како дел од можниот иден мировен договор со Русија, што се обидуваат да го постигнат САД, предводени од Доналд Трамп.

Самитот, како што рече Макрон минатата недела, треба да овозможи „финализирање“ на работата на договорот за воена помош за Украина „на краток рок“, според „постојаниот и одржлив модел на украинската армија за спречување на руските инвазии“ во иднина и за „безбедносните гаранции што можат да ги донесат европските армии“, вклучително и копнено распоредување на украинска територија.

Проблематичното прашање за испраќање војници на украинска територија во случај на прекин на огнот со Русија ќе биде во фокусот на денешниот самит, наведува телевизијата БФМ.

Како што соопштија од француското претседателство, целта на состанокот ќе биде да се извлечат „оперативни заклучоци“, а агендата ќе се заснова на четири главни точки, од кои првата е натамошната воена поддршка на Украина и придонесите на секоја земја поединечно. Потоа ќе се разговара за модалитетите на „целосно примирје“, како и за подготовките за периодот што би следел по потенцијалното примирје.

Конечно, учесниците на самитот ќе разговараат за условите за распоредување на европските сили во Украина за гарантирање на мирот – иницијатива за која се залагаат пред се Макрон и британскиот премиер Кир Стармер. Оваа последна точка најверојатно ќе биде предмет на жестока дебата, со оглед на тоа што неколку европски земји веќе се спротивставија на идејата или покажаа значителни резерви во овој поглед.

Според дипломатски извор, на денешниот самит се поканети над 20 земји и од ЕУ и од НАТО, меѓу кои Велика Британија, Канада, Норвешка и Турција, а вчера во Париз пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Подготвено од М.Д.

About Author