
26.03.2025 Скопје
Вашингтон објави дека САД и Русија постигнале договор за обезбедување сигурна пловидба во Црното Море. Договорено е дека нема да има напади врз енергетската инфраструктура ниту во Русија, ниту во Украина. Покрај тоа, Вашингтон ќе ѝ помогне на Русија да го врати пристапот до глобалниот пазар за извоз на земјоделски производи и вештачки ѓубрива, вклучително и намалување на трошоците за осигурување на бродови и олеснување на пристапот до пристаништата и платните системи за овие трансакции.
Белата куќа потврди дека САД и Украина се согласиле за продолжување на американската посветеност за враќање на присилно земените украински деца.
Украинската и американската делегација вчера разговараа во Саудиска Арабија.
Украинскиот министер за одбрана, Рустем Умеров додаде дека Киев верува дека секое заминување на руски воени бродови надвор од источниот дел на Црното Море ќе претставува кршење на духот на овој договор.
„Во тој случај Украина ќе има целосно право на самоодбрана“, изјави Умеров.
Кремљ и официјално потврди дека Русија се согласила на ограничен прекин на огнот поврзан со Црното Море.
Тие велат дека договорот е условен со укинување на санкциите за руските банки вклучени во меѓународната трговија со храна и ѓубрива и со поврзување на Свифт – систем кој овозможува сигурна финансиска комуникација меѓу банките.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека Киев ќе ги исполни своите обврски од договорот за безбедност во Црно Море, но оти ако Русија го прекрши договорот ќе бара дополнителни санкции за Москва и оружје.
Зеленски рече дека по ова, никој не може да ја обвини Украина дека не се движи кон одржлив мир.
Подготвено од М.Д.