
19.03.2025 Скопје
Претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, се согласија дека украинскиот конфликт треба да заврши со траен мир, соопшти Белата куќа во писмено соопштение по нивниот телефонски разговор.
„Денес претседателот Трамп и претседателот Путин зборуваа за потребата од мир и прекин на огнот во украинската војна. Двајцата лидери се согласија дека овој конфликт треба да заврши со траен мир“, се вели во документот.
Според прес-службата на Кремљ, за време на повикот, Путин ја повторил својата принципиелна посветеност за трајно мирно решавање на украинскиот конфликт. Рускиот лидер ја истакнал безусловната потреба „да се елиминираат основните причини за кризата и да се земат предвид безбедносните интереси на Русија.
Меѓу темите за кои телефонски разговарале рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп биле не само оние поврзани со украинскиот конфликт, туку и други меѓународни проблеми, соопшти прес-службата на Кремљ.
„Владимир Путин и Доналд Трамп се осврнаа на други прашања од меѓународната агенда, вклучувајќи ја и ситуацијата на Блискиот Исток и Црвеното Море. Ќе се направат заеднички напори за стабилизирање на ситуацијата во кризните зони, воспоставување соработка за прашањата за неширење на нуклеарното оружје и глобалната безбедност“, се вели во соопштението.
Според Кремљ, тоа „ќе помогне да се подобри општата атмосфера во руско-американските односи“. „Еден од позитивните примери е солидарното гласање во ОН за резолуцијата за украинскиот конфликт“.
Подготвено од М.Д.