
14.03.2025 Скопје
Британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон преговараат со 37 земји за создавање на „коалиција на спремните“ за Украина во случај на мировен договор.
Имено, Обединетото Кралство и Франција настојуваат да ја зајакнат позицијата на Украина во преговорите, додека американскиот претседател Доналд Трамп бара спогодба во руско-украинската војна. Двете европски нуклеарни сили развиваат план за да помогнат да се осигура безбедноста на Украина.
„Коалицијата на спремните“ ќе вклучува земји од Европа, Комонвелтот и Азија, кои нудат средства, војници, авиони или бродови за да помогнат во заштитата на Украина од понатамошна руска агресија.
На одделен состанок во Париз во вторникот, земјите кои не се членки на НАТО, како Австралија, Јапонија и Нов Зеланд, се приклучија на разговорите со воените лидери од десетици европски земји и Канада.
Од секоја земја беше побарано да каже каков придонес се спремни да дадат. Оние кои не сакаат да испратат војници во Украина беа прашани дали ќе распоредат сили во соседните европски земји или ќе дадат други форми на поддршка, вклучувајќи бродови, бродови за чистење мини, авиони, тенкови и разузнавачки информации.
Воените лидери во наредните денови ќе им ги претстават деталните опции за мировни сили во Украина на Стармер и Макрон. Овие опции ќе бидат разгледани со други светски лидери за време на виртуелна конференција овој викенд.
Планот потоа ќе му биде претставен на Доналд Трамп, кој се очекува да обезбеди американски безбедносни гаранции во форма на воздушни сили, разузнавачки податоци и граничен надзор, без да распореди американски војници за мировни операции.
Обединетото Кралство и Франција се обидуваат да ги спречат САД да попуштат пред барањата на Владимир Путин да ја демилитаризира Украина и да го принудат украинскиот претседател Володимир Зеленски да одржи избори пред да се постигне траен мировен договор.
Во средата Стармер истакна дека прашањето за руските киднапирања на украински деца, исто така, мора да се реши како дел од спогодбата.
Како што беше соопштено, по самитот на европските лидери во Лондон на 2 март, Стармер објави дека Обединетото Кралство е подготвено да ја поддржи „коалицијата на спремните“ за спроведување на секој мировен договор во Украина со „чизми на земја и авиони на небо“. Сепак, тој истакна дека европските нации мора да го понесат товарот, но американската поддршка е клучна.
Подготвено од М.Д.