
24.03.2025 Скопје
Американскиот специјален пратеник за Украина Стив Виткоф изрази оптимизам во неделата пред клучните разговори во Саудиска Арабија за ставање крај на војната во Украина, велејќи дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин сака да стави крај на тригодишниот конфликт.
„Чувствувам дека сака мир“, изјави Виткоф.
Украинските и американските делегации вчера започнаа разговори во Саудиска Арабија, а агендата вклучува предлози за заштита на енергетските капацитети и критичната инфраструктура, изјави во неделата украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров.
Ја спроведуваме директивата на претседателот на Украина за приближување кон праведен мир и зајакнување на безбедноста“, напиша на Фејсбук Умеров, шеф на украинската делегација.
Средбата на делегацијата на САД и Украина претходи на разговорите меѓу американската и руската делегација закажани за понеделник. Средбата доаѓа по серијата разговори одржани во Саудиска Арабија, прво меѓу САД и Русија, а потоа и меѓу САД и Украина, кога Киев го прифати предлогот за 30-дневен прекин на огнот.
„Мислам дека ќе видите вистински напредок во Саудиска Арабија во понеделник, особено затоа што прекинот на огнот влијае на бродовите меѓу двете земји во Црното Море. И после тоа, се разбира, ќе има притисок за целосен прекин на огнот“, рече Виткоф.
Путин минатата недела се согласи привремено да ги запре нападите врз украинските енергетски постројки, но одби да одобри целосен 30-дневен прекин на огнот, иако Трамп се надеваше дека тоа ќе биде првиот чекор кон траен мировен договор.
Трамп во саботата рече дека напорите да се запре понатамошната ескалација на украинско-рускиот конфликт се „донекаде под контрола“. САД се надеваат дека ќе постигнат поширок прекин на огнот во рок од неколку недели, надевајќи се на договор за прекин на огнот до 20 април.
Подготвено од М.Д.